Двете лица на Македонија

by fokus

Ама, кога ние самите внатре од една правиме две Македонии, е тоа ме плаши и ме загрижува. Не дека и во историјата на овој народ не се случувало одвреме навреме истото: делби и поделби, несогласувања и разидувања. Ама никогаш не бил толку длабок јазот што нè дели, никогаш границата и ѕидот помеѓу не биле повисоки.

Звонко ДАВИДОВИЌ

Јанус, бог со две лица, бог на почетокот и крајот, на минатото и иднината. Сатурн, некогашниот крал на Универзумот, му ги дал моќите, а неговите симболи се клуч и врата. Со самото тоа се смета дека е и бог на вратите, бравите, премините, трансформацијата. Во поново време повеќе е познат како симбол на дволичноста.

Додека го пишувам ова и ја гледам сликата на Јанус, помислувам дека сè на светот има свое лице и опачина, две спротивни страни, црна и бела, две спротивности, кои се привлекуваат и се одбиваат. Но, никаде тоа не е толку очигледно, воочливо и толку спротивставено како во Македонија, како самиот бог Јанус да владее.

Грците велат дека постојат две Македонии, онаа вистинската, грчка, и оваа македонска, вештачка. Бугарите велат Македонија е една македонска, ама Македонците се Б’ лгари, еден народ. Отсекогаш имало забегани што присвојувале, омаловажувале и негирале, прекројувале и фалсификувале и тие не ме плашат. Комшија ко комшија, секогаш твојот двор го мери и го посакува. Од таа страна на оградата нека прави и мисли што сака, знаеме ние што е наше и кои сме.

ДВЕ МАКЕДОНИИ

Ама, кога ние самите внатре од една правиме две Македонии, е тоа ме плаши и ме загрижува. Не дека и во историјата на овој народ не се случувало одвреме навреме истото: делби и поделби, несогласувања и разидувања. Ама никогаш не бил толку длабок јазот што нè дели, никогаш границата и ѕидот помеѓу не биле повисоки.

Наша и нивна Македонија, две земји на едно исто место, во исто време, со две лица, две истории, две различни иднини.

Нивна Македонија, црна, темна, служи само за молзење и ограбување. Во таа нивна Македонија, стопанот се алчноста, лагата и омразата. Во неа не живее народ, туку бројка на гласови за избори, политички противници и неистомисленици, кои се бројка на судските предмети или мета на партиските плукачи.

Во неа е нормално да си ненормален, да си ненормален, ако си нормален, да си глупав ако си чесен, да си умен ако крадеш. Нормално е да си полуписмен, недоделкан и невоспитан, корумпиран и дегенериран, од белото да правиш црно и од црното бело. Сите да ги сметаш за глупави, а себе си итроманец, кога лажеш и кога мислиш дека ти веруваат.

ЗЕМЈА НА ПОДЕЛЕНИ ЛУЃЕ

Нивната Македонија е земја на разделени и иселени луѓе, земја во која луѓето се мразат и не живеат едни со други, туку едни спроти други. Тоа е земја на завадени луѓе, земја во која омразата ја избркала љубовта, сочувството се претворило во ситење, убавиот збор во клетва и пцост.

Во неа луѓето се сиромашни и исплашени за својата егзистенција, работат за ситни пари како милостиња. Да им се дели, сè што некогаш било нивно и што го создавале, сега е туѓо и во рацете на мал број фамилии, кои имаат сè.

Тоа е заробена држава, во која судството е алатка, а Собранието сервис на власта, а власта е партија. Никој повеќе не се моли во црква или во џамија, туку во партискиот штаб, религија е партискиот билборд, а врховно битие партискиот лидер.

Во неа знаењето, умеењето и способноста се неважни, а нив ги замени партиската книшка. Сите доблести се исмеани, злото и накарадноста величани, а историјата и минатото исплукани, жртвите и крвта на предците испоганети, потомството дегенерирано.

Таа нивна Македонија е депонија за отпад и ѓубре, сметлиште на човечноста и хуманоста, служи за подбив, експерименти и вежби за странците, кои се однесуваат како да се дома, или во некоја африканска колонија.

Нашата Македонија е земја на сонцето што грее, не само од знамето и небото, туку и од душите и градите на нејзините граѓани. Таа е земја на совршен спој на неспоиви работи, различности што спојуваат, сплотуваат и обединуваат, а не разединуваат.

ЛУЛКА НА ПИСМЕНОСТА

 

Нашата Македонија мириса на бор, елка и туја, на баклава за Бајрам, на темјан за Велигден, кога се дарува црвено јајце, на ајвар таму на почетокот на есента. Во неа гордо се издигаат и тивко шепотат за минатото, за војводите , партизаните, за буните, востанијата и борбите, зборуваат за тешкиот живот и ветриштата што го дувале овој народ, а го заштитувале планините Шара, Кораб, Бистра, Стогово, Сува Гора, Мокра, Галичица, Јабланица, Баба, Ниџе, Кожуф, Осогово, Плачковица, Огражден и Беласица.

Тоа е земја на еснафлии и домаќини, земја на отворени капии и врати, душа и срце за секој добронамерник и патник. Нашата Македонија е лулка на писменоста и словото, на книгите и учените луѓе што шират љубов и разбирање, надеж и верба, тоа е земја на народ кој туѓото не го сака, но своето не го дава.

Во нејзините води плива преспанскиот крап и охридската пастрмка, белвицата и јагулата, шета по нејзините планини гордиот рис, а на небото господари белоглавиот орел. Се пече ракија, јака и лута како и македонскиот непокор, се прави вино златно како сонце и црвено како крв, сирење бело и вкусно, мед сладок како мелем.

Нашата Македонија е земја на еднакви луѓе, во која секој е битен и драгоцен, едно небо го покрива и иста судбина го дели. Тоа е земја во која секој има еднакви шанси, каде што се цени знаењето и умеењето, се почитува чесноста, криминалот се казнува и нема недопирливи. Во нашата Македонија, политичарите се слуги на народот, а институциите нивен сервис, Собранието е нивен глас, а судството нивен меч и кантар.

ШТО ПИШУВАШЕ МЛАДЕНОВ

Наша и нивна Македонија, две различни земји на едно исто парче земја и во исто време. Никој тоа не го опишал подобро од Никола Младенов со чиј цитат и ќе ја завршам колумната.

„Очигледно, ништо не се променило во политички плуралната Македонија. Таа е само формално таква, а во суштина е сестра-близначка на социјалистичката и претходничка. И денес, како и тогаш, власта не избира средства во битката со оние што не мислат како неа. Настојува да ги замолчи на секој можен начин. Едни паѓаат на привилегиите што им ги нуди, други пропаѓаат во монтирани процеси од секаков тип, до кои никогаш не би дошло, доколку жртвата свиткала кичма и продолжела да пее по владејачките ноти.

Законот повторно не важи за сите. Ние сакаме општество на слободни луѓе, кое нуди еднакви шанси за сите, тие сакаат збирштина од безрбетници, кои успеваат благодарение на слепата послушност на партиското племе. И тука нема компромис!”.

Поврзани новости