Две слични приказни со ист крај: И, двете девојчиња починаа на Инфективна клиника, родителите обвинуваат за лекарски грешки, а децата од болница завршија на погреб

by Fokus

Две слични приказни завршија со ист крај. Две девојчиња починаа на скопската Инфективна клиника, а според обвинувањата на родителите и во двата случаи се работи за лекарски грешки и пропусти во лекувањето. Првиот случај беше во 2010 година, а девојчето беше 8-годишната Марија Георгиевска, кој утре требаше да го прослави 13-тиот роденден, а второто девојче е 12-годишната Анамарија која во јануари почина на истата клиника.

Заедничко и за двата случаи е тоа што од клиниката првично излегоа со информации дека и двете девојчиња починале од сезонски (свински) грип, за подоцна директорот Ѕвонко Миленковиќ да излезе и да потврди дека не станува збор за никаков грип. Основното јавно обвинителство покрена истрага против три лекари од Клиниката за инфективни болести, врз основа на кривичната пријава која ја поднесе семејството на Анамарија.

Таткото во писмото ги обвинува лекарите дека се виновни за смртта на неговата ќерка, тврдејќи дека ако таа вечер не ја однеле, како што вели во хорор клиниката, сигурни се дека сега ќе била жива.

– Ја прашав лекарката како е срцето, а таа ми кажа дека е супер и бубрезите рече дека се добри. Во тој момент Анамарија почна да вика многу гласно, да вришти и да лелека од болка. Неподносливо. Веднаш тргнав према собата каде моето злато беспомошно лежеше ….И што да видам, три сестри и две докторки ја држат Анамарија и ставаат нешто.Моето јагненце вришти и бара помош…Срцето ми се кине…тој момент ми приоѓа докторката-педијатар од детска клиника и ми вели ништо страшно и ставаат катетар. Стоев пред вратата на смртта.И велев на жена ми ќе ја удрам вратата ќе се отвори и ќе влезам. Смири се, рекоа дека е добра, ми вели таа. Јас бев залепен до вратата, претворен во уво…Во далечина повторно го слушнав гласот на мојата ќерка за последен пат…Тоа беше тивка молба и лелекање„ВЕ МОЛАМ НЕМОЈТЕЕЕ …ВЕ МОЛАМ ПРЕСТАНЕТЕЕЕ!“ – пишува револтираниот татко во писмото.

Тој понатаму пишува дека човечките протеини, кои ги примала требало да бидат дадени во присуство на анестезиолог.

– И тоа не е единствениот пропуст на медицинскиот тим . Подоцна во консултација со други доктори ни беше кажано дека албумините се спeцифична имунолошка терапија која се дава само во присуство на анестезиолог, кој во случај на реакција треба да даде антишок терапија – се наведува понатаму во писмото.

devojce1

Откако излезе отвореното писмо во јавноста во кое таткото преку хронологија објасни се што се случувало кобната ноќ во јануари, кога за само три часа нивната ќерка почина, полека се навраќаме на сличниот случај пред пет години кога 8-годишната Марија пред предновогодишните празници почина на истата клиника. Обвинителството покрена истражна постапка, но случајот е затворен поради како што тврделе, дека немаат доволно докази.

Нејзините родители револтирани од односот на лекарите, кои таа вечер биле на смена обвинуваа дека „белата мафија го убила нивното чедо“.

– За мене повеќе не постои живот откако ја немам Марија. Мафијата во бели мантили таа вечер го уби моето дете, кое ми беше се на светот. Имам уште две деца за кои треба да се грижам, а јас едвај собирам сили. Со години чекаме правдата да излезе на виделина, но ништо не мрднува од мртва точка – тврдеше во тој период нејзината мајка Зорица Георгиевска.

И, семејството на 8-годишната Марија низ хронологија ја објасни голготата која ја поминале на Клиниката за инфективни болести.За неполни 22 часа, девојчето починало, а родителите тврдеа дека целиот случај го следеле низа недоследности, контрадикторни и лажни изјави. Според нив, детето не било примено на клиниката како итен случај, а тие пет часа барале лекар кој ќе го прегледа нивното дете.

– Ќерка ми беше во свесна и компатибилна состојба кога беше примена на клиниката. По неколку часа барање лекар едвај најдоовме некој да ја прими и да види што се случува. И ставија инфузија и состојбата уште толку и се влоши, почна да повраќа и да добива течна столица. Рендеген на бели доробови и беше направен 19 часа по приемот во болницата, а била примена со бронхопневмонија, потоа компјутерска томографија на мозокот и била направена 10 часа индициите за менингит – обвинуваше во тој период нејзиниот татко.

165633_1510922223308_938145_n

За нив уште поголем удар преставувало тоа, кога лекари од клиниката им испратиле писмо во кое тврделе, дека девојчето, иако мртво било приклучено на апарати за дишење, како да е живо, за да се прелажат родителите.

Директорот на Клиниката, Ѕвонко Миленковиќ во случајот за малата Марија тврдеше дека девојчето починало од сезонски грип, додека за вториот случај со Анамарија излезе со истата приказна, за подоцна самиот себе да се демантира. Родителите на 12-годишното девојче тврдат дека таа била на нозе однесена на клиника, а од таму ја вратиле мртва.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со првиот човек на Инфективна клиника за да му поставиме неколку прашања, со кои ќе се расветлат дилемите во јавноста, но тој не одговараше на нашите телефонски повици. Од министерството за здравство формираа стручни комисии за да го разгледаат случајот и да проверат дали има лекарски пропусти во лекувањето, но како и секогаш досега, во нивните извештаи не се наведува никаква лекарска грешка.

СО АПАРАТИТЕ ЗА ДИШЕЊЕ УПРАВУВААТ ИНФЕКТОЛОЗИ, НАМЕСТО АНЕСТЕЗИОЛОЗИ?

Дополнителен проблем во целата ситуација на скопската Инфективна клиника преставуваат и респираторите, односно апаратите за дишење, со кои управуваат инфектолози, наместо анестезиолози, што е ризично за здравјето на пациентите. Според лекарите, не може на една клиника, каде што има огромен прилив на пациенти од сите страни, апаратите за дишење да ги управуваат инфектолози со заврчен неколку месечен курс.

– Да се работи со завршен курс за компјутери во фирма за компјутери или со курс за странски јазици да се работи  за странци е возможно, но да се управува со вакви апарати со двомесечен, четиримесечен или шестмесечен курс кога во светот обуката трае пет години е повеќе од ризично. Респираторите се многу корисни, но истовремено и опасни, доколку човек не е оспособен да работи со нив, многу брзо настапува смрт на пациентот – тврдат дел од лекларите на клиниката, кои сакаа да останат анонимни.

 

 

Поврзани новости