Две општини немаат портал, Карпош нуди најдобри услуги

by fokus

Постојниот квалитет на услугите кои ги обезбедуваат единиците на локалната самоуправа на веб порталите не обезбедува ефективна и брза услуга, не е овозможен ист третман и еднаков пристап и достапност за секој граѓанин, утврдиле ревизорите од Државниот завод за ревизија.

Кај најголемиот дел од општините е детектирано нефункционално решение за следење на состојбата на давање услуги од субјектите кои вршат јавни услуги, како и отсуство на редовно следење на квалитетот на јавните услуги на локално ниво.

Имено, 38 единици на локалната самоуправа или скоро 50 проценти немаат наведено на своите веб портали информации за услугите што им ги обезбедуваат на граѓаните и правните лица. Потоа, 36 општини немаат објавени Формулари за услугите, 39 немаат објавено информации за административните такси, а две општини имаат целосно недостапни веб-портали.

Како што се наведува во ревизорскиот извештај, на општинските веб-портали недостигаат основни информации и упатства за услугите, целосен регистар на услуги, стратешко планирање за локален економски развој, а воедно, според ДЗР, не се адаптирани за пристапност за лицата со попреченост.

Инаку, ревизорите во извештајот навеле и низа препораки за општините во насока на подобрување на услугите. Меѓу другото, тие бараат општините да ги објават сите информации, упатства, формулари/барања, административни такси и други потребни документи, за да се овозможи брз и лесен пристап до нив.

„Континуирано да ја следат достапноста на веб порталите, како и да водат соодветен дневник на настани за недостапноста на порталите и причините за истите, со цел прекините на веб сервисите да се сведат на минимум, а достапноста на информациите и услугите да бидат на задоволително ниво“, стои во ревозорскиот извештај.

По повод овој извештај, од Општина Карпош велат дека се на врвот по квалитет на услуги кои ги овозможуваат преку веб-страната на општината, како и дека се меѓу единствените што имаат прилагоден пристап на лицата со попреченост на својот портал.

„Локалната самоуправа континуиранo работи на ажурирање на својата веб страница и овозможување на повеќе услуги преку истата. Преку www.karpos.gov.mk, граѓаните можат да комуницираат со општинските сектори, да се информираат за предучилишното и основното образование, да видат како можат да го одложат отпадот од домаќинството, да пријават корупција, да стапат во контакт со подрачните одделенија на други институции и сл“, велат од Општината.

В.С.

Поврзани новости