Две драги личности ми зеде 2020, новата година да ни донесе поубави денови, вели Дарко Илиевски

by Fokus

Дарко Илиевски, момчето кое со голем елан пред повеќе од десет години започна да ја освојува поп сцената во земјава, а потоа на изненадување на многумина, пред три години ги спакува куферите и се пресели на Флорида, САД, се уште е естраден лик на чии песни и настапи се сеќава публиката.

Зад себе остави многу песни, спотови, гостувања и учества на фестивали. Денес тој повеќе не е во музичките води, стана семеен човек, сопруг на Ивана и татко на Матео, а за ,,Фокус” раскажува за одлуката да го промени животот од корен и да започне од почеток во туѓа земја, за животот кој сега го има во сончевата Флорида и како за три години со сопругата си купиле свој дом, но и за изминатата 2020 година, која за него беше една од најтешките и му зеде две драги личности.

-Од Македонија си заминав пред три години, беше тоа заедничка одлука со сопругата Ивана, за наша подобра иднина. Одлуката, секако дека беше тешка, бидејќи требаше да ги оставам сите мои блиски, но од практичен аспект, беше единствена, затоа што ниту јас, а ниту Ивана не ја гледавме нашата иднина во Македонија, не само од економски, туку и од културен аспект. Кариерата не ми беше пречка, затоа што можам да кажам дека периодот пред да заминам воопшто не заработував како естраден уметник, и во повеќе наврати се прашував дали воопшто се исплати целата љубов и големиот труд вложен во музиката. Ќе речам, Господ нека им е на помош на сите талентирани луѓе таму – раскажува Дарко.

Додава дека во Америка се вработил како техничар во бродската индустрија, но по почетокот на кризата останал без работа. По неколку месеци без работа, поради многуте можности кои се нудат во САД, повторно се вработил, овојпат како техничар во областа на прехранбената индустрија.

-Мојата сопруга работи како асистент менаџер, релативно сме задоволни од она кое го постигнавме досега. За кратко време успеавме да си купиме наш дом, го добивме синчето Матео, и што е најважно, живи и здрави сме, фала му на Господ. Сепак, во однос на сцената, ми фали тоа чувство, ми фали публиката и врската со неа – вели Илиевски.

За 2020 година, не крие дека за него била една од најтешките. Првин ја изгубил неговата баба Даринка, по која го добил името, а потоа следел уште посилен удар, кога од корона вирус почина неговата вујна Ирена Дојчиновска Милошевска, медицинска сестра од Геронтолошкиот завод „13-ти Ноември“ која е најмладиот медицинар кој ја изгуби битката со ковидот во земјава, на свои 40 години.

-Тешко ми е да зборувам за тоа, ја изгубив мојата вујна која имаше голем удел во мојот живот и беше извонредна личност. Таа беше човек за пример, полна со љубов и разбирање, беше подготвена се да направи за луѓето. Почина пред две недели, а беше погребана на нејзиниот роденден… По оваа пандемија, би сакал да видам некаков гест од државата кон сите оние кои беа во првите редови во борбата со вирусот, да им се заблагодари на некаков начин. За мене, а и за многумина, 2020 ќе остане како една тешка година, посебно што во одредени моменти не бев блиску до мојата фамилија – раскажува Дарко.

За новата 2021 година, вели дека нема никакви очекувања, единствена желба му е сите да се живи и здрави.

-На музички план немам зададено конкретни датуми, но работам по малку на создавање на нов материјал. Веќе трета година го чекам композиторот Лазар Цветковски да ми испрати демо снимки за нови материјали (се смее). На сите читатели на „Фокус” им посакувам добро здравје и поубави денови – изјави Илиевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости