Две девојчиња до Каменос: Пливавме 4 часа за да се спасиме, тие што седеа на копно изгореа

by fokus

Со гневот, очајот и солзите на неколку граѓани се соочи министерот за одбрана на Грција и коалиционен партнер во грчката влада, Панос Каменос, при неговата посета рано утрово на населбите погодени од катастрофалниот пожар, јави дописничката на МИА од Атина

Две девојчиња низ плач и со гнев му раскажаа како го преживеале пожарот и што се случувало. Пливале 4 часа за да се спасат.

-Тие што седеа на копно изгореа. Тие што беа длабоко во морето, се спасија. Длабоко, онаму каде што не стапнуваш. Дојдоа од крајбрежната служба, но не можеа да се приближат. Ни велеа влезете во море за да се спасите. Како да влезат старите лица? Ни во плитко не можат да пливаат, рече едно од девојчињата кое со нејзиниот татко го сретнаа Каменос на улиците во населбите што изгореа во пожарот и истакна дека во морето биле од 18.30 до 23 часот.

– Огнот се изгаси во морето. Леташе стакло и на децата им викав да не гледаат зад нив. 4 часа пливаа. Им велев не се враќајте назад, бидејќи летаат искри во очите, низ плач раскажа таткото на девојчето, кој има член од неговото потесно семејство што со сериозни изгореници се бори за живот во една од атинските болници.

-Господине минситре, хеликоптерите супер пума каде беа? Изгореа луѓе, праша еден од граѓаните.

-Од 20 часот, бродовите беа тука, рече Каменос на што едно од девојчињата одговори дека од 18 часот биле на плажата, гореле луѓе, а чамци не виделе.

-Сакате да ја видите нашата куќа, цела е изгорена, низ плач му рече едно од девојчињата.

Другото девојче, рече дека си ги бара нејзините пријатели и се уште не се најдени телата на исчезнатите, а нејзиниот татко додаде дека не знае што да и каже и како да ја утеши 20-годишната ќерка која си го бара нејзиниот пријател.

Во разговорот со граѓаните, министерот за одбрана рече дека армијата се обидува да помогне, колку е можно повеќе.

-Човечката болка не се заменува. Не можам да ги вратам децата назад. Ја гледам ќерка ми и го гледам 9-годишното девојче што го бараме и се чувствувам исто, како да е мое дете, одговори Каменос.

Министерот за одбрана, коалициониот партнер во грчката влада и лидерот на Независни Грци, Панос Каменос е првиот министер од грчката влада, кој ги посети населбите погодени од пожарот во кој загинаа најмалку 81 лице, а непознат е бројот на исчезнати.

Поврзани новости