Двајца актери од Гостиварски театар приведени во полициска станица

by fokus

Двајца актери вчера попладне биле приведени во полициска станица Гостивар по пријава дека ги попречувале активностите на Гостиварскиот театар. Актерите сметаат дека се неправедно отстранети од претставата и за тоа не добиле образложение.

Актерите Берат Салији и Арѓент Хасани денеска дадоа појаснување за вчерашниот настан и бараат одговори и реакции на надлежните иснтитуции.

– Ние бевме дојдени на проба со останатите актери, но бевме изнесени со лисици на рацете од театарот. Наводно сме ја попречувале работата. Нејасна е реакцијата на директорот Висар Вишка, бидејќи ние баравме и уште бараме образложение зошто сме отстранети од претставата која почна да се подготвува април годинава. Ние ќе си ги бараме правата и да се вратиме во актерската екипа, вели Арѓент Хасани.

Неговиот колега Берат Салији, кој претходно беше назначен за директор на Гостиварскиот театар, смета дека ваквите постапки имаат политичка заднина и мотиви кои немаат врска со културата и театарот.

– Бев ангажиран од самиот почеток на подготвките на претствата „Натан мудриот“, а по мојата смена како директор, бев отстранет и од преставата на нејасен начин. Наводно не сме ги почитувале дисциплината и режисерските насоки. Но, повеќе од јасно е дека мотивите за оваа „игра“ се политички мотивирани, вели Салији.

Вршителот на должноста директор на Гостиварскиот театар, Висар Вишка за МИА потврди дека тој ја повикал полицијата, бидејќи бил нарушен работниот процес.

– Бев принуден на таков чекор и како одговорен за редот, морав да побарам помош од полицијата. Тие и претходно попречија проба, но успеавме некако да се разбереме. Суштината на целата работа е што тие двајца актери и претходно побараа да се смени режисерот Сулејман Рушити. Тоа е нелогично. А, за да продолжиме со работата и обврските, решивме да најдеме нивна замена. Тие се отсранети бидејќи не ја почитуваа дисциплината и не доѓаа на проби, изјави Висар Вишка.

Актерите кои се отстранети од преставата најавуваат уште реакции и како што рекоа правдата ќе бараат по институционален пат.

Од СВР Тетово го потврдија настанот и дека интервенирале на поплака во Гостиварскиот театар. Случајот целосно е расчистен и против А.Х. изготвен е соодветен поднесок за сторен прекрошок од областа на јавниот ред и мир.

Гостиварскиот театар беше формиран на почетокот на годината со владина одлука. Во него треба да работат 30-тина професионални актери и технички персонал. На почетокот на септември, дојде до смена на раководното место.

Според програмата, оваа година требаше да бидат поставени три претстави, но досега не е одиграна ниту една. Поголемиот дел од вработувањата веќе се реализирани и се работи на обезбедување просторни услови во Ценатрот за култура АСНОМ Гостивар.

Поврзани новости