Два волка во нас

by Fokus

Во душата на секој човек се води постојана борба на два волка. Едниот волк го претставува злото, а другиот, доброто. Секогаш победува оној волк кого го храниш…

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Стојам во редица пред А1 арена и чекам да влезам да се вакцинирам против ковид 19. Одамна поминал терминот во кој ми беше закажана вакцинацијата, а и на многу други што стојат до мене, затоа што се туркаат луѓето, не почитуваат ниту ред, ниту термин, само себичност, егоизам, лутина и бес.

Повикуваат нова група внатре и настанува уште поголем хаос, турканица, почнува караница помеѓу неколку луѓе, навреди, пцости. Најголемиот дел од луѓето молчи, ја врти главата, само неколкумина се обидуваат да ги смират, вразумат. Навреди летаат, јазикот брз, умот бавен и лесен, образот ѓон, никој нема срам за изреченото, за однесувањето. Караницата завршува како што и почна, ненадејно, главите наведнати, секој секого гледа под око, со недоверба, скоро омраза.

СЕ ЗАБОРАВИ ЧОВЕЧНОСТА

Каде отиде она време кога ни вратите не се заклучуваа, каде отидоа оние луѓе со широка душа, чиј дом беше отворен секому, секој беше добредојден, луѓе што го делеа и последниот залак со комшијата, пријателот, патникот намерник. Каде отиде онаа душа на овој народ за кој пишуваа сите патеписци и која беше наш белег, наша гордост.

Не дека луѓето не се карале и порано, но знаеја тоа да го направат културно, колку што е тоа можно во една караница, со одмерени зборови, без пцости и навреди, а, пред сѐ, имаа човечност во себе и знаеја да ја наведнат главата, да ја признаат грешката па и да се извинат.

Денес тоа не знаат дури ниту интелектуалците да го направат, а ниту оние на јавни функции кои се сѐ помалку интелектуалци со купени дипломи. Професори, бивши дипломати, бивши министри во дебати, во колумни, јавно без срам и перде навредуваат и употребуваат погрдни и недолични зборови. Не е силата повеќе во аргументите и фактите, туку во навредите и пцостите. Но, тие што ги користат не сфаќаат дека тоа ги отсликува нив и нивната душа, нивната празнотија и простотилак, а не на оној кому му се упатени.

СТАРАТА ИНДИЈАНСКА МУДРОСТ

Човечноста и добродушноста се човечка особина и карактерна црта на луѓето со отворено срце и љубов, кои го негуваат достоинственото и правилно однесување кон другите луѓе. Привилегија да ја поседуваат оваа посебна дарба не им е дадена на сите, и покрај тоа што многумина ја присвојуваат и се претставуваат како такви, а не им е дадена поради нивното битие и природа.

Ретка и вредна, единствена и непредвидлива добродушноста е основа и суштина на добриот човек, на срдечна и милосрдна личност. Таа е отелотворена во сите човечки добри дела, кои се прават заради туѓата насмевка, а не сопствената корист. Таа е во убавите мисли упатени на луѓето околу нас, во способноста своето постоење да не е подредено на сопствениот интерес и остварување на истиот. Добродушноста е вештина на давање на добрина на луѓето околу себе, тоа е најубава и највредна, за жал, и најретка црта на човечкиот карактер.

Како да ја негуваме или стекнеме? Мислам дека одговорот лежи во една стара индијанска приказна.

Еднаш, многу одамна стар Чироки Индијанец на својот внук му раскажал една животна вистина:

Во душата на секој човек се води постојана борба, борба на два волка. Едниот волк го претставува злото, бесот, завидливоста, љубомората, алчноста, ароганцијата, егоизмот… Другиот волк го претставува доброто, мирот, љубовта, надежта, ведрината, љубезноста, добродушноста, срдечноста, дарежливоста, сочувството, вербата…

Малиот Индијанец се замислил и по извесно време го прашал својот дедо: Кој волк на крај победува?

Дедото му одговорил: Секогаш победува оној волк кого го храниш…

 

 

Поврзани новости