Два дена по именувањето претседател на МСЦО, Боки во акција: Ќе ја вратам насмевката на Васко!

by Fokus

Откако вчера на официјалната страница на ,,Вистински дела на љубезност” беше објавена сторијата за 14-годишниот Васко од Струмица, кој што е принуден да проси на улиците за да преживее, активистот Бојан Јовановски, само два дена по назначувањето на функцијата претседател на МСЦО вети дека ќе му излезе во пресрет на малиот струмичанец.

Како што информираа волонтерите од ,,Вистински дела на љубезност”, Васко живеел со својот татко веќе шест месеци, откако пред тоа поминал три години во домот за деца без родители ,,11 Октомври” во Скопје.

Таткото бил невработен, во тешка финансиска состојба, и семејството имало потреба од храна, облека, топол дом, но и здравствени услуги за детето.

Покрај потребата од наочари за вид и стоматолошки услуги, на Васко му бил потребен и кревет, елементи за кујна, маса со столици, постелнина, облека и обувки, плакар, но и изградба на тоалет, бидејќи во трошната куќа имало само полско вц.

За таткото на Васко, волонтерите апелираа за вработување во градежна фирма.

Денес Јовановски, преку својот Фејсбук профил ја информираше јавноста дека МСЦО ќе ја понуди својата помош.

,,Со задоволство сакам да ве информирам дека по детална проверка од страна на мојот тим во врска со случајот со малиот Васко и неговото семејство, донесовме одлука дека Меѓународниот сојуз ќе постапи согласно правилата на делување за оваа категорија на граѓани опишани во статусот, и Васко заедно со неговото семејство ќе добие целосно згрижување и заштита!” -извести Јовановски.

Тој додава дека останува при залагањата за општество каде ќе има насмеани лица и вети дека ќе ја врати насмевката на лицето на Васко за најкраток можен рок.

Вики Клинчарова

Поврзани новости