Дурловски се пишмани: Нема да бидам организатор на протестите

by fokus

Игор Дурловски, управник на МОБ и водач на ,,За заедничка Македонија’’ кој што заедно со Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски ги предводеше протестите нема повеќе да биде организатор. Вели дека е горд на шеесет дена мирни протести (и покрај тоа што беше нападната новинарска екипа на А1 он, а новинар и снимател завршија во болница), но го скршиле напади од дел од негови сограѓани, поради различните ставови за Македонија.

Во раните утрински часови, на својот Фејсбук профил, тој порача дека народот и без него како организатор на протестите, знае за што се залага.

,, Шеесет дена мирни, достоинствени протести со дел од моите сонародници и многу сум горд заради тоа. Верував дека со моето делување ќе можам нешто да променам, дека ќе успееме да ја зачуваме Македонија таква каква што ја знаеме – унитарна!

Жал ми е што индиректно бев дел од насилството кое неколку пати јавно го осудив. Стотиците закани не ме уплашија, но тоа што ме скрши е што дел од моите сограѓани брутално ме напаѓаа поради разликите во ставовите за иднината на Македонија. Тие што ме познаваат знаат дека моите намери се чесни и од срце. Само времето може да покаже дали биле правилни.

На И4 им посакувам истрајност и разумно делување, редовно ќе бидам меѓу нив на улица, но пред се својата поддршка за Македонија понатаму ќе ја остварувам како организатор на сопствените морални убедувања и професионално делување. Народот добро знае за што се залага и без мене како еден од нивните организатори. Народот не може никој да го контролира. Јас сум нераскинлив дел од мојот народ кому е потребно вистинско лидерство во овој момент. Да живее Македонија!’’ – пишува тој.

Инаку, против водачите на ,,За заедничка Македонија’’ МВР побара од основното обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи, зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието  на 27 април. МВР бара од Основното јавно обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување.

„МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04“- стои во соопштението на МВР од 30 април.

Оперскиот бас и неговата сопруга, сопранистката  Ана, како првенци беа вработени во МОБ од 2008, иако работеа во Германија, бидејќи за МОБ било така поевтино, наместо да се плаќаат нивните гостувања, неколку пати во сезоната. Веќе две години живеат во Скопје, а Ана доби титула национален уметник, односно 60 илјади денари пензија. И двајцата се првенци во Операта и професори на Факултетот за музичка уметност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости