Дуле, момчето кое беше десна рака на Гоце Арнаудов: Реков, доста е и влегов на операција со 239 килограми!

by fokus

Дуле Зрновски, момчето од Кочани за кое многумина знаеја да кажат дека е десната рака на легендарниот фолк пејач Гоце Арнаудов, но и негов наследник според бојата на гласот, по речиси осум години од смртта на Арнаудов, вели дека започнува со нов живот.

За „Фокус” раскажува дека многу тешко ја доживеал смртта на Гоце, па дури и се повлекол од музичката сцена, но неодамна решил да сврти нов лист. Решил да си го земе животот во свои раце и да започне со позитивни промени.

Поради проблемите со вишокот килограми, првиот чекор во својот, како што вели, нов живот, бил хируршкиот зафат за намалување на желудникот, кој се случил пред десеттина дена на клиника во Истанбул, Турција.

-Целата естрада знае дека мене буквално ме пронајде Гоце Арнаудов. Случајно ме слушна како пеам во ресторан, ми пријде, го зеде микрофонот и пред гостите рече – Браво Дуле, јас си најдов моја замена! Така започна целата приказна. Одев насекаде со него, го придружував на настапи, на свадби, концерти… Во 2009 година, две години пред да почине, Гоце реши да ми ја напише првата песна насловена „Само еден ден”. Со неа настапив на фестивалот во Лешок, а потоа следуваа уште песни. Беше фасциниран од мојата боја на глас, знаеше да каже дека звучам речиси идентично како него. Ми направи вкупно 15 песни и мојата кариера тргна по угорна линија, луѓето започнаа да ме препознаваат – раскажува Зрновски.

Но, по извесно време започнале здравствените проблеми на Арнаудов, а тој се трудел максимално да му помогне. Постојано бил со него на настапи, пеел заедно со него на свадби, бидејќи Гоце повеќе не можел да ги издржи долгите настапи. Кога починал во 2011 година, Дуле многу тешко ја поднел неговата смрт.

-Многу време поминав со Гоце и нормално дека неговата смрт ми дојде како голем удар. Бев со него до крајот, минавме низ многу нешта. Сакав да продолжам со кариерата, како што и тој ќе сакаше, но ми беше многу тешко, остана празнината. Како минуваше времето, јас се повеќе се повлекував од сцената и на крај решив да започнам друг бизнис, отворив конфекција со 30 вработени. И во минатото имав проблеми со тежината, но откако престанав со снимање и редовни настапи, килограмите започнаа да растат. Дојдов до неверојатни 239 килограми. Со таа тежина и влегов на операција на клиниката во Истанбул. Сфатив дека нешто морам да сторам, дека вака не се живее. Јас сум млад човек, морав да свртам нов лист и да продолжам со мојот живот. Имам уште многу дадам, има многу неотпеани песни во мене – вели Дуле.

Тој случајно дознал за операцијата позната како кратење на желудник (Bariatric sleeve) која се изведувала на клиника во Турција, стапил во контакт со координаторката Риана Али Рамис, и пред десеттина дена му бил извршен зафатот. Тврди дека се поминало во најдобар ред, за една недела веќе намалил десет килограми, а според лекарските прогнози, за десет месеци би требало да изгуби дури 100 килограми.

-Операцијата е хит во целиот свет, драго ми е што се решив на овој чекор. Знам дека и Гоце ќе беше горд на мене, тој и самиот беше борец и не сакаше да гледа како луѓето се откажуваат. Имав две опции во животот, да продолжам по старо додека килограмите растат, или да си ја земам судбината во свои раце и да продолжам напред. Јас избрав живот. Решен сум да успеам, колку и да е тешко. Планирам да продолжам да пејам по приватни веселби, веќе договорив соработка со браќата Нуне, Раде и Филип, а се надевам дека ќе продолжам и со снимање на нови песни. Немаме резервен живот, се надевам дека мојата приказна ќе допре до многумина кои минале низ тежок период и ќе ги мотивира да не се откажуваат, да веруваат во себе и да соберат сили да продолжат напред, дури и кога мислат дека нема излез. Секогаш постои некој кој ќе ни даде рака, се додека сме живи, имаме шанса да ги смениме нештата на подобро – раскажа музичарот за „Фокус”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости