Дуковски: На Боки му е неопходна хоспитализација, може да се случи смртна последица

by fokus

Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски осомничен во „Рекет“, на денешната јавна седница во Апелација побара неговиот клиент да биде пуштен од притвор, и да му се одреди некоја поблага мерка.

-На 23 септември примивме решение за завршена истрага. Нема, не реално, туку ниту законска можност за уништување на докази или влијание врз сведоци. Во фаза на истрага Кривичниот совет си дозволува да биде обвинител па осомничениот од нив е  веќе прогласен за виновен, па затоа му го продолжуваат притворот. Зборуваат за начинот на извршување на кривичното дело, како тоа да е докажано, потоа бисер е и што се повикуваат на степенот на кривичната одговорност, видот на висината на предвидената казна и соочување со изрекување на ефективна казна, или бисер до бисер, истакна адвокатот Дуковски.

Тој додаде дека Јовановски нема да избега и затоа побара да му се изрече поблага превентивна мерка.

-Кривичниот совет како еден од аргументите за притворот го споменува и мотивот на сторување на кривичното дело. Внимавајте, тие го знаеле мотивот! Па тогаш истиот совет нека донесе и пресуда и сите ќе бидеме среќни, рече Дуковски.

Освен на правните аргументи за тоа зошто Јовановски треба да излезе од притвор, неговиот адвокат се повика и на неговата влошена здравствена состојба.

-Да не излезе дека плачеме и молиме од некои други причини, сакам да запознаам со медицинската документација на осомничениот. Секој втор ден се носи на Клиниката за торакална хирургија. Има две неуспешни операции кои му предизвикуваат сериозни проблеми. Специјалистот предлага дека е неопходна хоспитализација. Нема желудник. Храната му се враќа и секој ден повраќа. Може да се случи смртна последица. Поевтино е да биде на клиника, отколку секој ден да се носи од притвор, истакна Дуковски.

По него, свое обраќање до судиите имаше и Јовановски.

Апелацискиот суд треба да ги разгледа жалбите и набрзо да одлучи дали ќе ја укине мерката притвор.

В.В.

 

 

Поврзани новости