ДУИ со предлог решенија за изедначување на изборните единици

by fokus

Владејачката ДУИ предлага неколку решенија за надминувањето на нерамноправноста на изборните единици, особено во шестиот изборен регион.

Според партијата наједноставно решение е неколку илјади жители на Дебар да се преместат од шестата во петтата изборна единица, како што беше направено во изборите во 2014-та. Другиот предлог е да се прекројат сите изборни единици.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, најдоцна до утре до координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДПА ќе го достави предлогот за измена на изборниот законик.

-Јас веќе им најавив на координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДПА дека ќе им доставам нацрт-верзија на предлогот. Тие ќе го разгледаат, па после ќе изготвиме конечен предлог. Идејата е измените н а Изборниот законик да бидат донесени со консензус. Намерата не е некому нешто да му наметнеме, туку сите да разбереме дека тоа е законска обврска- изјави денеска Џафери.

Инаку, Изборниот законик предвидува бројот на запишаните гласачи во шесте изборни региони во Македонија да не отстапува повеќе од пет проценти. Според последните податоци на ДИК, во шестата изборна единица се запишани 310.721 гласач и има отстапување од 5,28 отсто.

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски претходно нагласи дека надминувањето на прагот од плус-минус пет проценти го нарушува еднаквото право на глас на граѓаните.

Поврзани новости