ДУИ се залага за западот, но Али Ахмети форсира луѓе кои го преферирраат истокот

by Фокус

Интервјуто е објавено во 898. број на неделникот „Фокус“ на 14. септември 2012 година

Арсим Зеколи го паметиме како амбасадор на Македонија во ООН во Виена и во ОБСЕ, а потоа и како шеф на мисијата на ОБСЕ во Туркменистан. Сепак, малкумина знаат дека своевремено работел како водител, новинар и дописник, а бил надлежен и во невладина организација за соработка со меѓународни агенции за време на војните во Босна и Хрватска, а подоцна и во Косово. Уште повеќе, во неговата работна биографија е евидентирано дека бил и преведувач при УНПРОФОР/УНПРЕДЕП и УНМИК и програмски менаџер при НДИ. И тоа не е сѐ, дел од неговата професионална кариера ја поминал како надворешен медиумски аналитичар при Канцеларијата на ЕУ во Скопје. Во последно време, Зеколи стана актуелен преку неговите колумни и јавни настапи, во кои се осврнува на случувањата на внатрешен и надворешен политички план. Во интервју за „Фокус”, тој говори за застојот на државава во рамки на евроинтеграцискиот процес. Членството кон ЕУ и НАТО моментално е во втор план поради владината криза, која, според него, претставува последен обид за преживување на коалициските партнери!

ФОКУС Најголемиот предизвик со кој се соочува земјава е интеграцијата во НАТО и во ЕУ. Спорот за името меѓу земјава и Грција е клучниот проблем поради кој стагнираме на патот кон Брисел. Гледате ли излез од овој ќор-сокак, кој настана како резултат на вкотвените позиции во преговорите за името меѓу Скопје и Атина?
ЗЕКОЛИ И јас ќе започнам со познатиот дисклејмер, дека ние неспорно сме во право – емоционално, човечки, легалистички… Во право сме, во смисла како што и многу други земји или народи во светот, кои, сепак, порано или подоцна, низ историјата, морале да бираат – да го проголтнат жапчето на компромисот или да живуркаат во мочуришта на застоени води. Но, знаете што – јас веќе не сум сосема убеден дека нашите позиции се толку убедливи, во споредба со тие од пред 5-6 години, па дури и во поглед на таа емотивна поддршка. Секогаш повторувам дека сите политики се локални, но во време на глобализација и локалните политики ја детерминираат претставата за една земја во меѓународни рамки. Земете ја сегашната внатрешно-политичка ситуација кај нас, отсликана со поделби по веќе не знам кои рамки. Како некој аналитичар во Атина или во Брисел, на пример, би ја протолкувал политиката на инвестиции само во источниот дел на земјата? Или зајакнатата економска и културна соработка со Истокот? Талкања меѓу антички, словенски и југоносталгични идентитетски елементи. Сеопшта политичка поделба по етнички линии. Каква порака испраќате надвор со таков однос?

ФОКУС Алудирате на неконзистентност во државната политика?
ЗЕКОЛИ Видете, конзистентноста во политиката и меѓународните односи по својата тежина е тест низ кој надворешните партнери ја оценуваат политичката иднина, надворешната сериозност и внатрешната зрелост на една нација или држава. Кога во бегство од соочување со проблемот почнувате да талкате во барање поддршка, вие не го решавате проблемот, туку само си ја подривате својата убедливост и праќате сигнали дека не сте партнер за долгорочна доверба. А забораваме дека квалитетот за партнерството не познава граници и се цени подеднакво и по исти параметри, како на Запад, така и на Исток.

zekoli3

БРИСЕЛ РЕАГИРА СО ПРАЗНИ ВЕТУВАЊА!

ФОКУС Можно ли е решение за проблемот со Грција?
ЗЕКОЛИ Решението ќе дојде само по себе во оној момент кога ние ќе утврдиме и ќе практицираме свој автохтон став кон името и визија за иднината, наместо да ја пресликуваме грчката позиција со речиси ист вокабулар, аргументи и тоналитети. Притоа, да не заборавиме дека на страната на Грција стојат повеќе конкретни воено-политички и економски аргументи кои ја зацврстуваат нејзината позиција кон нас и на кои ние би можеле да им парираме единствено, подвлекувам, како земја-членка на ЕУ и НАТО. Во спротивно, доколку продолжи оваа агонија, ќе ни се случи еврејската поговорка – внимавај што посакуваш, можеш и да го добиеш. Во смисла, дека ќе го зачуваме името, но ќе ја изгубиме релевантноста на геостратегиски план со драстични последици за внатрешните состојби и крајно ослабени позиции во регионот. Последните пораки од Софија веќе предупредуваат на тоа.

ФОКУС Во меѓувреме, власта го искористи спорот како алиби за стопирање на реформскиот процес, што резултираше, меѓу другото, и со дијалогот на високо ниво меѓу Македонија и Унијата. Каков епилог очекувате од овој процес, кој, всушност, претставува креативно решение за задржување на фокусот кон евроагендата?
ЗЕКОЛИ Го искористи нашата власт за свои потреби, се разбира, но и одредени надворешни фактори кои го користат спорот како оправдување за забавување на процесот кон приклучување кон ЕУ, поради нивни домашни причини. Ова можеби звучи контрадикторно со тоа што го кажав претходно, но, всушност, не е, бидејќи факт е дека со сите внатрешни проблеми во Унијата има сѐ помалку интерес за понатамошно проширување. Но, ако треба некаде да покажеме инает и тврдоглавост, тоа е токму во настојчивоста за решавање на името, отворање преговори и добивање членство час поскоро, наместо да ја залажуваме јавноста со некакви дијалози на високо ниво, кој сега се смета како врвно достигнување, а всушност е доказ за нашиот застој и двометарската визија на оваа власт. Можеме да ја замислиме височината на тој дијалог кога Баросо нема време да се сретне со нашиот претседател, додека, пак, министерката за евроинтеграции допрва треба да ја видиме во посета на Париз, Берлин или на Рим.

ФОКУС Според некои информации, Европската комисија ќе изработи исклучително позитивен извештај, дури се најавуваа реални шанси да добиеме датум за преговори со ЕУ на крајот на годината. Издржан ли е овој оптимизам?
ЗЕКОЛИ Сум имал можност да учествувам во изработка на слични извештаи и познат ми е начинот на кој се пишуваат, коригираат и фризираат. Не заборавајте дека од „позитивноста” на тие извештаи не зависат само нашите интегративни процеси, туку и оценките за успешноста на оние во чие име се пишуваат. Негативен извештај за нашата или која било земја-кандидат повлекува со себе и прашања за неостварените прогнози или погрешни проценки на претставниците на ЕК. Видете, сто страници пофалби или препораки во извештајот на Комисијата не вредат колку едно единствено негативно мислење од која било земја-членка во Советот на ЕУ. Илјада и една фејсбук-пофалба или твит на некој европолитичар за Македонија не вреди колку една посета на Меркел во Молдавија, на пример.

ФОКУС Има ли Брисел реална слика за нашите желби и капацитети?
ЗЕКОЛИ Ценам дека во Брисел сфатиле за што всушност се користат евроинтеграциите кај нас, па решиле да заземат реципрочен став на давање празни ветувања. Кога почесто патувате во Анкара и во Москва отколку во Брисел, Париз и во Берлин, кога прифаќате сомнителни инвестиции без претходно консултирање на партнерите во ЕУ, кога својата дипломатска мисија при ЕУ ја сведувате на ниво на небаре трафика со грст дипломати, кога министерката за евроинтеграции ја има сменето својата канцеларија во предизборен штаб со пријатели од Тетово – за какви интеграции зборуваме воопшто? Проблемот со Грција сега е само врв на ледената санта, и тоа веќе му е јасно на секој набљудувач од страна. Оваа сегашна спонтана или неспонтана владина криза само го потврдува тоа!

ОДМАЗДА НА МРТВИТЕ ВОЈНИЦИ КОН ЖИВИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

ФОКУС Во пресрет на посетата на Штефан Филе, владејачките партнери влегоа во отворен конфликт, кој почна со поклонувањето на министерот Бесими во Слупчане и кулминира со предлог-законот за бранители. Ако е јасен поводот и донекаде последицата, кои се изворните причини за настанување на оваа коалициска криза?
ЗЕКОЛИ Лично не верувам во искреноста на кризи, кои избиваат на шест месеци пред избори. Посебно не, кога редица афери сѐ повеќе им дишат во врат на коалициските партнери – Телеком, Смилковци, економија во рецесија и растечка сиромаштија, потполна изолација и игнорирање од меѓународни фактори. Се премолчува еден мал детаљ во оваа рашомонијада – ставот на владата од 15 август, со кој се оградува од настаните во Слупчане. Таквиот став значи дека, или ДУИ има направено салто мортале и се оградува од самата себе, или, пак, ВМРО-ДПМНЕ и службено ја има ставено ДУИ во стенд-бај на проформа-партнер со ограничена одговорност. Во секој случај, прашање е каква влада ја води земјата денес – де јуре коалициска или де факто еднопартиска?

ФОКУС Сакате да кажете дека ова е вештачка криза?
ЗЕКОЛИ Кризата не е за правата на бранителите или војниците на ОНА, туку претставува криза во рејтинзите на владејачките партии. ВМРО-ДПМНЕ имаше години на располагање за да го реши ова прашање. Но, тоа не им одговараше на поствоените партиски технократи, кои сакаа да си го присвојат патриотскиот имиџ само за себе, ретуширајќи ја на тој начин 2001 година од конкурентните ликови. Затоа, Албанците пред да се иритираат од неговиот однос кон војниците на ОНА, треба да сфатат дека тој има таков однос и кон бранителите, барем до пред недела-две. Односот на Груевски кон мртвите војници на ОНА, пак, е детерминиран од фактот што нив и нивната симболика не може да ги понижи во очите на Албанците, за разлика од живите политичари. Би рекол дека на извесен начин случувањата во и околу Слупчане се своевидна фина мала одмазда на мртвите војници кон живите политичари.

ФОКУС Каде е ДУИ во сета оваа драмолетка?
ЗЕКОЛИ На ДУИ не ѝ пречеа редицата понижувања на Албанците од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но реагираа единствено кога беа понижени партиски функционери и нивните рејтинзи. Да не заборавиме дека ДУИ е во криза на сопствен идентитет – дали е албанска, мултиетничка, прозападна, происточна, што е видливо по дихотомијата меѓу нивните зборови и нивните дела. Од една страна, вербално прозападно се залагаат за членство во ЕУ и во НАТО, но кога ќе го погледнете нивниот водечки владин, парламентарен и партиски тим по изборите од минатата година, ќе увидите дека Ахмети форсира луѓе со прилично происточни ставови и убедувања. И тоа не може веќе да се прикрие со споменици за Багери и Богдани. Затоа, враќањето кон јак национален вокабулар е всушност нивна последна шанса за преживување како партија!

И ОПОЗИЦИЈАТА СЕ СТАВИ ПОД КОМАНДА НА ДВАТА ВОЖДА

ФОКУС Во насока на расплет на владиниот конфликт, се споменуваат нови предвремени парламентарни избори, прегрупирање во Собранието и формирање техничка влада. На крајот, стои и опцијата партнерите да најдат заеднички јазик, како многупати до сега, и мирно да ги окончаат разликите и недоразбирањата. Кои од овие сценарија се објективно остварливи, а кои се само во доменот на теоријата?
ЗЕКОЛИ Неблагодарно е да се даваат прогнози за партнери кои своите односи во рок од само десетина дена ги растегнуваат од побратимство до медиумско непријателство. Само едно е сигурно – константата на нивните споделени теснопартиски и клановски интереси. Во тоа нема никаква државничка, патриотска или национална политика. Ама, ако веќе морам да шпекулирам, би рекол дека кризата во македонскиот кампус ја зацврстува моќта на оној на чии плеќи и постери ВМРО-ДПМНЕ ги добива изборите, а тоа е Груевски. Додека кај ДУИ, судејќи по имињата кои истовремено се и највклучени во тековните недоразбирања, но и во калкулациите за нови градоначалнички места – Бесими, Талат Џафери, Изет Меџити, оставам на читателите да проценат дали станува збор за коинциденција или испланирана кавга.

ФОКУС Што очекувате од ДУИ во следниве месеци?
ЗЕКОЛИ Можно е ДУИ во следните месеци „демонстративно” да излезе од коалицијата, со цел да си го дигне рејтингот пред избори. Доколку тоа се случи, ќе биде интересно и индикативно да се види, дали тоа ќе го изведат според моделот на ДПА од 2008 година, заколнувајќи се – „никогаш веќе во влада на Груевски”, или, пак, повторно ќе се затскрие зад „волјата на народот”. Несомнено дека Груевски ќе цели кон своите сонувани 62 пратеника и доминација во Собранието. Но, тоа се само политики на преточување од празно во шупливо, без никакво влијание на економскиот стандард на граѓаните, туку фалшлива игра на краткорочна доминација. Единствениот успех можеби е само понижувањето на опозицијата, која ја изгуби својата иницијатива и се стави под команда на двата вожда.

ФОКУС Дали, сепак, станува збор за компликувана ситуација, која тешко може да се контролира?
ЗЕКОЛИ Кога е познат мотивот и целта, ништо друго не е комплицирано. Принципот на политичко преживување е константата, сето друго се нијанси. Зборуваат дека се во раздор, но вестите на телевизија за нивните активности ги издаваат дека се во предизборна кампања. Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ е дека веќе нема резервни албански играчи кои би влетале во испразнетиот простор по евентуалниот вистински прекин на соработка со ДУИ. Дури ни толку посакуваната семакедонска, моноетничка влада на Македонците е празна приказна, бидејќи тоа подразбира коалицирање со СДСМ, која и тоа како би знаела да го искористи во своја корист, а на штета на Груевски.

ФОКУС Но, опозицијата ви изгледа како да е ,изгубена во преводот,?
ЗЕКОЛИ
Што се однесува до опозицијата – навистина не ја разбирам нивната политика. Мислам дека тоа и на ним им е јасно, но се фатени во играта која они сами првично ја измислија. Игра на перпетуален политички макартизам на антиалбанство, која сега ја има преземено ВМРО-ДПМНЕ и ја користи за да ја диктира политиката на СДСМ. Првично се проширија вести, дека ќе поднесат интерпелација за владата, што ќе беше вистински потег доколку им се придружеа ДПА и НДП, бидејќи на тој начин сосема извесно ќе ја разобличеа вистинската природа на односите во владата. Не знам зошто се откажаа од таа намера. Доколку имаат решено да чекаат на исход од односите меѓу Груевски и Ахмети, тоа, пак, ги става во улога на исчекување што ќе реши некој друг!

УЧИЛИШНИТЕ ТАБЛИ НЕ ГИ ГРЕАТ УЧИЛНИЦИТЕ

ФОКУС Кога сме кај опозицијата, судирот меѓу вмровците и интегративците се чини дека го засени процесот на селекција и промоција на опозициските кандидати за градоначалници. На овој начин, пресретнат ли е походот на опозицијата кон локалната власт?
ЗЕКОЛИ Би рекол – да, за сега. Но таквата игра на – „види, лета авион”, на одвлекување на вниманието на граѓаните од економските проблеми, е поуспешна на парламентарни избори, додека на локалните избори гласачите преферираат да гледаат долу, во дупките на улиците, училишните ѕидови и во амбуланти. Училишните табли со нови имиња не греат училници, ниту, пак, бранителите се чувствуваат поздраво во руинирани амбуланти.

Додека опозициските лидери се думаат меѓу економија и патриотизам, би поставил едно провокативно прашање. Замислете еден ден Груевски да реши по своја иницијатива да ги асфалтира улиците во Чаир, да ги урне дивоградбите и реновира парковите, отвори нови градинки, училишта и да инвестира во нови станбени објекти. Па, тогаш убедете ме дали партиските водачи што живеат и дејствуваат на патриотска дистанца во Тетово и во Кичево и нивните овдешни шерифи воопшто и би се осмелиле да му конкурираат на избори. И уште поважно – кој сметате дека е похрабар да го направи тој чекор: Груевски или Црвенковски? Жално, но вистинито е дека Албанците, посебно тие во Скопје, Куманово, Дебар и во Струга, се двојно дискриминирани – и од владејачката македонска партија на моментот, но и привремениот албански коалициски партнер.

ФОКУС По минатогодишните предвремени парламентарни избори, опозицијата влезе во процес на обединување, на страна идеолошката припадност и личните анимозитети на партиските лидери од минатото. Процесот резултира и со меѓуетничка политичка соработка, која за првпат до сега е предизборна, иако ќе се одвива само на техничко ниво. Кои можат да бидат резултатите од овој, да го наречам проект, кој главно почива на резултатите на последните избори?
ЗЕКОЛИ Резултатите зависат од тоа која ќе биде пораката што ќе ја упатат до гласачите. Ако се фокусираат на најгорливите прашања – економијата и животен стандард на граѓаните, тогаш мислам дека ќе го добијат вниманието на граѓаните. Но, доколку продолжат да нудат само слика без тон, да се потпираат на лидерските имиџи на своите водачи, тогаш ништо битно нема да се промени.

Без оглед на тоа дали се искрени или не, пораките за нудење премиерски места се веќе видена работа и без некој ефект врз гласачите, посебно по минатогодишните празни ветувања на ДУИ и Ахмети. Всушност, тоа е само продолжување на еден елитистички, приватен и херметичен однос меѓу партиски функционери, кои не мотивираат никого за излез на избори. Никој, освен семејството, не излегува на избори во желба и верба да ме види мене или вас на некоја функција, туку во надеж дека тој избор ќе се одрази позитивно врз квалитетот на неговиот живот.

ФОКУС Дали опцијата за премиер Албанец може нешто да измени?
ЗЕКОЛИ Од гледна точка на одговорност кон граѓанинот, од споредна важност е дали премиерот е Албанец, туку што ќе направи за Албанците и за нивниот животен стандард, дали веќе еднаш ќе се осмели да стапне во Гази Баба или Серава, Лојане и во Слупчане, да види во какви услови живеат тие луѓе. Прашајте ги заменик-премиерите Албанци, кога последен пат ги посетиле тие места и луѓето што живеат таму? Па, нив нема да ги видите ни во Стара Чаршија! Каква благодат виде обичниот Албанец од сите овие вајни функционери Албанци?! Функциите се за партиски или лични рејтинзи, но со ваква поставеност на односи тие не се преведуваат во добробит на обичниот човек. Од друга страна, колку за илустрација, сетете се колку позитивно одекна меѓу Албанците минатогодишната изјава на Радмила Шеќеринска, дека не е лесно да си стопанственик Албанец.

ФОКУС Подготвено ли е партиското членство на опозицијата, па и критички настроената јавност, да прифати коалиција меѓу Црвенковски и Георгиевски, кои во дел од перцепцијата на народот важат за животни политички непријатели?
ЗЕКОЛИ
Зависи дали Црвенковски сѐ уште се сеќава на своите зборови упатени на Глигорие Гоговски на почетокот на својата кариера. Зависи и дали Георгиевски ќе се сети на своите стари сандали од НУБ додека беше студент. Дали ќе ја најдат искрата од почетокот на своите кариери или ќе победи политичкото калкулантство стекнато низ коридорите на власта. Во секој случај, за добро или лошо, јавноста прецизно ќе осети, дали е првото или второто. На нив е да го изгубат до сега стекнатото. Не верувам во животни политички непријатели. Земете го како пример односот на ПАСОК и Неа Демократиа кон Сириза, или Груевски и Ахмети.

ФОКУС Која, според вас, е формулата за успех на опозицијата?
ЗЕКОЛИ Заедничкиот именител за успешна соработка помеѓу опозицијата е многу јасен – економијата и парите. Народот сѐ повеќе е обединет во незадоволство по сиромаштија, така што опозицијата треба да се фокусира на тоа што луѓето сакаат да го чујат. Не да се фокусираат единствено врз стотици милиони фрлени на „Скопје 2014”, кои се апстрактни за обичниот човек, туку на малиот денар даден за цената на млекото, лебот, облеката, струјата, образованието, даноци, пензии… кои се секојдневна мака и предизвик при плаќање сметки. Преку економијата како универзален јазик на политиката, и Георгиевски и Црвенковски ќе бидат разбрани од Албанците, а Тачи од Македонците. Како никогаш до сега, народот е жеден за вистина, да му се каже дека и сегашноста и скората иднина ќе бидат тешки, многу тешки, но дека со нив веќе никој нема да ги спречи или заплашува да бидат тоа што се – обични луѓе со обични желби и обични поплаки, а не робови на туѓи неисполнети лични фрустрации!

Тотална вмроизација
ВЛАСТА КОНТРОЛИРА СЕ, ПА ДУРИ И МИСИЈАТА НА ОБСЕ

ФОКУС Дали постои чист терен за фер политички натпревар на идеи, или, пак, власта го прави тој натпревар неправеден? Како владее власта – демократски, авторитарно или крајно апсолутистички?
ЗЕКОЛИ
Апсолутно нема ниту терен, ниту, пак, приближно иста стартна позиција за фер избори. Контролата на власта е доминантна и сеопфатна – од медиумите, администрацијата, па сѐ до мисијата на ОБСЕ во земјата. Да не заборавиме дека ние не знаеме колку сме, а камоли за кој или што сме. Ве молам, во која било, па и полудемократска земја, неодржување или манипулација со попис би ја држела опозицијата на улица со недели! Кај нас опозицијата сѐ уште нема разбрано дека кога немаш пристап до медиум, тогаш однесувај се на начин кој те прави информација која мора да се покрие!

Опозицијата повлече нога
МЕЃУЕТНИЧКАТА КОАЛИЦИЈА ЗАВИСИ ОД СТРАНЦИТЕ

ФОКУС Дали е созреано времето за меѓуетнички коалиции, на граѓанска основа?
ЗЕКОЛИ Важноста на меѓуетничките коалиции е повеќе условена од поддршката однадвор, иако од политички аспект е многу поисплатливо да се употреби во функција на освежување на партиските политики и политичката сцена. Во овој момент и самата иницијална соработка е успех по себе и се надевам дека начинот на кој ќе се одвива ќе биде стимуланс за иднината. Мал, но значаен чекор напред

Поврзани новости