На простор на кој се предвидени спортски терени во Гостивар, се издигнува дивоградба, а изведувач е близок роднина на градоначалникот Арбен Таравари, изјави денеска подпретседателот на огранокот на ДУИ – Гостивар, Башким Хасани.
Според него Таравари од една страна камуфлира акции за рушење на диво изградени објекти, додека во реалност го стимулира урбанистичкиот криминал и градбата на бесправни објекти
„Загрижени поради овој урбанистички каос што е создаден од дивоградбите, жителите ја изразуваат нивната загриженост дека се бетонираат површините за спорт и рекреација со објекти за живеење. Со непревземањето на законски инспекциски мерки на терен, подразбираме дека Таравари го подржува и охрабрува урбанистичкиот каос“, рече тој.
Според него Таравари не ги извршува законските обврски и свесно ја злоупотребува службената должност за материјални придобивки за себе и за своите блиски роднини.
„Таравари декларативно се залага за развој на спортот, но во реалноста со овие негови дела ја уништува иднината на секој млад човек и на секој жител на оваа населба, како и на сите жители на Општина Гостивар. Го повикуваме Арбен Таравари да го прекине годишниот одмор започнат од денот кога е избран за Градоначалник на Општината, да го прекине летниот одмор започнат со започнувањето на летото и да го прекине неговиот ангажман како лекар спротивно на сите етички, морални и законски норми, и да почне да ја извршува должноста за која е избран“, порача Хасани.
Тој го повика градоначалникот со неговиот тим да почнат да изработуваат Детални урбанистички планови и да им овозможат на граѓаните да градат согласно законските правила, а не да го стимулира, како што рече, урбанистичкиот каос .
„Со ова, тој ги лаже граѓаните овозможувајќи им да прават инвестиции и градби кои ќе останат без регулиран правен статус. Со ваквото дејствување на Таравари, на крај, најголеми губитници ќе бидат граѓаните на кој што ваквите инвестиции ќе им пропаднат“, изјави тој.