ДУИ почна да бира кандидати за градоначалници, неизвесност за Чаир и Струга

by fokus

Актуелниот градоначалник на Липково од редовите на ДУИ, Еркан Арифи, е прв кој доби поддршка за уште кандидатура на претстојните локални избори. Како што порача партискиот лидер Али Ахмети при денешната посета во Липково, Генералниот совет на интегративците ќе го номинира Арифи за уште еден мандат, бидејќи, рече Ахмети, тој има едногласната поддршка од сите локални совети, ограноци и граѓани.

Покрај тоа, според извори на Фокус, албанската владејачка партија ќе истрча со актуелните кандидати за градоначалници во речиси сите рурални општини со кои раководи изминативе години. Притоа, нашите соговорници велат дека пресечено е да нема промена ниту во Тетово, каде Теута Арифи ќе биде кандидирана за уште еден четиригодишен мандат.

Во врска со Гостивар пак, неофицијално дознаваме дека ДУИ ќе истрча со поранешниот градоначалник во два мандати Невзат Бејта. Како што е познато, после првиот мандат тој претрпе пораз од Руфи Османи, но само 4 години подоцна пак се врати на чело на општината. Потоа, Бејта загуби од актуелниот градоначалник од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој, според досегашните анкети, е фаворит за уште еден мандат.

Висок функционер на ДУИ посочува дека постои одредена неизвесност во Чаир, каде најголеми шанси за кандидатура има актуелниот градоначалник Висар Ганиу, меѓутоа во конкуренција е и директорот на ЈП „Паркови и Зеленило“ Ардијан Муча. Сепак, за разврската во оваа општина големо влијание ќе имаат внатрешните состојби и релации во чаирскиот огранок, чиј предводник Изет Меџити е во конфликт со вицепремиерот Артан Груби и министерот Бујар Османи.

Исто така, упатените додаваат дека партиското раководство сака да номинира друг кандидат за градоначалник на Струга на местото на Рамиз Мерко, кој во неколку наврати дојде во конфликт со Владата, а во една прилика и премиерот Зоран Заев изрази каење што партијата го поддржала. Со оглед дека ДУИ и СДСМ речиси сигурно ќе настапат со здружени сили на изборите, малку веројатно е Мерко да добие поддршка за уште еден мандат.

Инаку, Ахмети денеска најави „големо изненадување“ кое ќе се открие на 5-ти јуни, кога впрочем е роденденот на ДУИ. Патем, ваквата најава коинцидираше со билбордите со зелена боја на која осамна пораката дека „Нешто големо доаѓа“. Иако многумина тоа го протолкуваа како најава за зелена кампања, сепак, од Мала Речица коментираат дека станува збор за нешто друго, што, според нив, треба да го постигне ефектот на платформата за премиер-Албанец.

Влатко Стојановски

Поврзани новости