ДУИ и СДСМ прославија 215 илјади иселени?

by fokus

Прославата на СДСМ/ДУИ е сето она што не требаше да биде по оној перформанс со чевличките пред Влада.Чевличките пред Влада од пред шест години влегоа во власта. Сега нема чевли пред влада, сега чевлите забрзано се иселуваат. СДСМ и ДУИ прославија 215.000 работници, цели семејства иселени 

Наум СТОИЛКОВСКИ

Еден од незаборавните моменти пред 6 години, незаборавни можеби поради тоа што беше меѓу ретките ненасилни моменти за уривање на тогашната власт, беа оние илјадници чевли оставени на булеварот Илинден пред капијата на Владата, во знак на протест на оние, тогаш пресметани, 600.000 иселени од Македонија, иселени во потрага по подобар живот и затоа што (цитирам) „не можеле да најдат соодветно вработување и да остварат квалитетен живот“.

Пет години минаа откако СДСМ и ДУИ се на власт. Ветувањата за „мала ефикасна администрација“ и „живот“ во кој ќе се вреднуваат успехот и знаењето, ветувања за враќање на тие 600.000 до тогаш иселени, завршија на отпад како предизборен маркетинг-материјал.

Целите „посткризно“ лудуваат цените, лудува и натоварената партизирана администрација, лудува секој што има возило, лудуваат сите чекајќи нови цени во маркетите, лудуваат регулаторите со нови пресметки на давачките.

БРОЈКИТЕ СЕ НЕМИЛОСРДНИ

Лудува Темелко со извештај за фејсбук-агитација и хонорар од 9.000 евра, лудува министер кој преку Ватсап или некоја друга апликација „по клуч“ поставува шефови и шефици во здравството, лудува Статистика, која постпописно објави дека фалат речиси 215.000 луѓе во математиките меѓу два квартали, последниот од 2021 и првиот од 2022 година.

Бројките се немилосрдни, особено кога се ставени во табела за вкупно работоспособно население. За четвртиот квартал минатата година, ДЗС запишал 1.681.863, а за првиот квартал годинава запишани се 1.467.349 работоспособни. Уште поинтересно, на крајот од ланската година, како вработени се запишани 795.276 лица, додека за првото тромесечие годинава 691.498, односно 103.778 помалку вработени.

Е сега би било добро да објасни некој за онаа постпописна „калибрација“ што се наведува од статистика, како е можно над 103.000 лица да има помалку, ако се земе предвид дека податоците од пописот потоа минуваа, или барем требаше да минуваат низ оние бази на податоци. А базата на податоци од Заводот за вработување би требало да предничи во точноста, бидејќи од неа зависи и полнењето на здравствената, пензиската и даночната каса.

Во делот на активни баратели, а без среќа во наоѓањето работа, бројот исто така е намален. Тоа значи дека оние 103.000 не загубиле работа во „короната“ и не останале тука да бараат работа. Пак од табелата, од 142.206 невработени „активни“ баратели од крајот на 2021 година, веќе до април има 119.699, односно 22.507 помалку.

Како и да го завртите, дали поради „пописната калибрација“, дали поради полните автобуси што секој ден заминуваат од Македонија со работоспособно население, Македонија според овие бројки загубила точно 214.514 работоспособни луѓе!

ЗЕЛЕНАТА ЖУРКА

Можеби и не се во три месеци, иако следејќи ги математиките од табелата за секој квартал од 2020, 2021 и сега за 2022 година, не може, а да не се потпрам на Статистика. Па, дури и таа ги прави математиките на ист начин. И, ете, покажува пад на невработеноста на под 15 отсто. Рекордно блескање, што би рекле оние од власта!

Веројатно тоа беше причината на онаа средба, журка, зелена прослава на ДУИ. На едно место да ги видиме расположени Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, па и Славица Грковска, како прославуваат со Али Ахмети, Артан Груби, Теута Арифи, Талат Џафери. Па, дошле и Зоран Заев со партнерот Венко Филипче, иако веќе „не се во политиката“. Убав собир. Навистина ми фалеа Мухамед Зекири и Драги Рашковски, ќе дадеа посебен вистински шмек на собирот.

Веројатно додека траат турканиците низ маркетите и бензинските, според фотографиите, расположено и неврзано разговарале за хаосот во МВР, за рамковните пораки за вработувања и унапредувања во главни медицински сестри, можеби, или за дипломатските успеси и достигнувања на ДУИ преку ликот и делото на Теута Арифи. Пцостите на Талат Џафери ги споредуваа со пцостите на Заев, тоа ли предизвикуваше такви насмевки?

Прославата на СДСМ/ДУИ е сето она што не требаше да биде по оној перформанс со чевличките пред Влада.Чевличките пред Влада од пред шест години влегоа во власта. Сега нема чевли пред влада, сега чевлите забрзано се иселуваат. СДСМ и ДУИ прославија 215.000 работници, цели семејства иселени!

Доколку најитно не се стави крај на оваа состојба предизвикана само и само од криминал и неказнивост, власт колку за власт, сите ќе си ги спакуваат куферите! Никој не сака да живее во страв и несигурност, непредвидливост за најблиската иднина; за што ќе биде утре?

Затоа патот е еден – на 18 јуни, во 20 часот, пред Влада. Не празни чевлички, не перформанс! Масовен протест, да не дозволиме и последниот работоспособен да замине од Македонија!

Поврзани новости