ДУИ и ДПА ќе ги хармонизираат односите за брз влез во ЕУ и НАТО

by fokus

По вчерашната двочасовна средба на лидерите на ДУИ и ДПА, партиите се договориле дека ќе ги хармонизираат односите и ќе соработуваат во институциите, за што поскоро спроведување на пржинскиот договор, кој е еден од условите за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Пржинскиот договор и неговото спроведување е многу важен фактор во државата и сигурно во собранието ќе биде многу важно опозицијата да биде конструктивна во неговото спроведување. Значи, Пржинскиот договор без опозиција не може да се реализира и ваквата соработка позиција-опозиција мора да ја има и во македонскиот политички блок“, изјави по средбата Али Ахмети, лидерот на партијата ДУИ.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, пак додаде дека тој и Ахмети ништо не кријат од јавноста. Средбата била конструктивна и не се дискутирало за никакви партиски интереси.

„Ништо вечерва не се случуваше под маса, поддршката која ја даваме на ДУИ е бланко поддршка дека сакаме што поскоро да бидеме дел од ЕУ и НАТО. Не значи дека ако сме ги изгубиле изборите не треба да бидеме конструктивни“, рече Тачи.

Тачи и Ахмети се надеваат дека ќе се започне со спроведување на реформите кои се бараат во извештајот на Прибе, но и од целиот меѓународен фактор. И двајцата посочија дека ваквите средби биле традиционални и ќе се одржуваат и понатаму.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по средбата истакна дека сакал да оствари средба и со лидерот на партијата БЕСА, Билал Касами, меѓутоа Касами побарал состанокот да помине без медиумска покриеност, што било одбиено од страна на Тачи.

Поврзани новости