Дуелот на Заев и Мицкоски ќе биде на една од националните телевизии, треба да се прецизираат времето и местото

by fokus

Премиерот Зоран Заев е подготвен во секое време и на која било национална телевизија да дебатира на сите теми од интерес за јавноста на евентуален лидерски дуел, кој апсолутно ќе се случи, а останува само да се прецизира времето и локацијата, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски, по вчерашното барање од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицковски за ТВ дуел со премиерот.

– Основен принцип на работата на премиерот Заев е отвореноста и така функционира и Владата. Наназад со години бараме дуел, секогаш сме биле подготвени,  комуницираме двонасочно и како Влада секогаш сме отворени за дуели, дебати, новинарски прашања на прес-конференции, рече денеска Бошњаковски.

Како што напомена, последниот премиерски дуел во државава беше во 1998 година, односно пред цели 20 години.

На редовната прес-конференција Бошњаковски наведе и дека можеби ВМРО-ДПМНЕ се во право оти не е точна бројката за советници на поранешниот премиер Никола Груевски што ја објави вчера Владата, затоа што, како што вели, таа ќе биде многу поголема откако ќе се најдат и обработат податоците за периодот од 2006 до 2010 година.

– Опозицијата излезе со информација вчера дека бројката од 91 можеби и не е точна. Можно е да се во право бидејќи  податоците од 2006 до 2010 година не се обработени, така што сигурно бројката ќе биде многу поголема од 91 советник. Во моментот, со бројот на советници на Никола Груевски од 2010 до 2016, сумата е тројно поголема од советниците на актуелнииот премиер Зоран Заев, што значи  во моментот кога ќе ги најдеме, а ќе ги најдеме документите од 2006  до 2010 година, оваа сума сигурно  ќе биде повеќе од тројно поголема, рече Бошњаковски.

Владината прес-служба вчера објави дека за 91 советник и надворешни соработници на поранешниот претседател на Владата Груевски годишно биле издвојувани 1,73 милиони евра.

Поврзани новости