Дудучки за постизборниот говор на Груевски: Психопаторот ќе заврши на буништето на политичката историја, ама ќе одговара за своите злодела

by Fokus

По два дена откако беа преброени гласовите во кои убедлива победа однесе владејачката СДСМ и откако спласна изборната еуфорија, од штабот на ВМРО-ДПМНЕ нема никаква реакција. Од таму во текот на вчерашниот ден не излегоа со никакво соопштение, иако претходно имаа по десетина дневно, а никој не излезе ниту на прес-конференција.

Последен, кој даде изјава за медиумите беше лидерот на опозициската партија Никола Груевски вечерта во неделата во барокниот штаб. Тој истакна дека најголемата одговорност за изборниот пораз што го доживеа партијата е само негов и дека во наредниот период ќе анализираат зошто дошло до ваквите резултати.

„Фокус“ го контактираше невропсихијатарот Мице Дудучки кој направи анализа на говорот на Груевски, на неговото држење, на неговиот говор на тело…Тој тврди дека додека го гледал постизборното обраќање на екс премиерот уште повеќе му се комплетирала сликата за психопатологијата, според него, на оваа креатура, која за жал владеела со Македонија повеќе од 11 години.

– Со тоа што читаше однапред напишан текст во некоја опскурна одаја на Каса дел фацио (Белата плата на ДПМНЕ) пред граѓанството јасно ја манифестираше својата интелектуална инфериорност, со гебелштовина од најдолен вид. Имено, со тие тиради за кратко успешно го прикажа својот политички беграунд и начинот на добивање на власта и практикувањето на истата. Подсвесно, во Фројдовска смисла го исцрта својот политички автопортрет со сите валканици со кои тој и дворската полтронистичка камарила обилно се користеле во изминатите изборни циклуси (скоро сите вонредни) и со кои за жал се наметнуваше како Лажни цар Счепан мали, а кого киентелата својски го прифаќаше понесена од лажниот ореол кој пропагандата го создаде за солиден технократ, кој знае да ја води владата на Република Македонија – тврди Дудучки.

Според него, Груевски управувањето го заменил со автократско владеење кое примарно произлегувало од неговата психопатска (анално-садистичка) структура која во услови на непостоење на критичка свест и кај „неговиот” народ и кај останатите граѓани била прифатена како модус операнди (начин на владеење) на режимот и модус вивенди (начин на живеење) на обичниот граѓанин.

– Во ситуација кога психопаторот беше пуштен во вода (взаемно со неговите полтрони) се потенцираше параноидноста и потребата од секвестрација (изолација од реалниот свет) со цел да го избегне непријатното соочување со реалноста со која одамна ја изгубил врската. Вербигерацијата (папагалското повторување) на гебелсовската содржина примарно има за цел да го задржи во вертикала (секако не морална) разнишаното хипертофирано, патолошко Его на Минхаузенот од нашето опскурно сокаче во кое во минатите десетина години ја пикна целата нација – додава невропсихијатарот.

Тој тврди дека препелкањето и глумењето лудило е основен симптом на Ганзеровата психоза (глумење лудило) и псеудодемнеција(лажна деменција) за сега на несвесно ниво, се со цел да ја избегне или пролонгира кривичната одговорност која како Дамоклов меч му виси над главата.

– Проекциониот механизам како незрел механизам на одбрана на личноста со скромен образовен и интелектуален потенцијал уште појасно ја покажува сета беда на духот и на пустошот во менталниот простор на еден психопат-автократ во заминување, ама и во влез во новата ера која за него ќе започне со профункционирање на правната држава и со правна разрешница на сите злосторства против сопствениот народ чиј режисер и реализатор беше еден ваков Остап-Бендеровски тип кој наскоро ќе биде фрлен на буништето на политичката историја на Македонија, ама со претходно процесуирање на сите злодела што ги направи врз граѓаните на Република Македонија – истакна Дудучки.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости