ДСЗИ во инспекциски надзори по зачестените смртни случаи кај младите од Ковид 19: Откриен пропуст во следењето кај 35-годишната ресенчанка

by Fokus

Пишува: Ирена Мулачка

Пациентки на 23 и 29 години вчера се најдоа на листата на починати од Ковид 19 во дневниот извештај на министерството за здравство, од каде што известија дека и двете имале претходни заболувања. Тие не се единствените млади кои починале од овој опасен вирус, туку во извештаите досега се најдоа и други млади пациенти меѓу кои беше и 35-годишната ресенчанка, која почина на 6 септември и зад себе остави две малолетни деца на 2 и 4 години.

Таа починала само два дена по потврдата дека е позитивна на корона вирусот. Се лекувала дома, но во текот на ноќта и се влошила состојбата и утрото починала.

„Фокус“ се потруди да дојде до информации што се случува, односно која е причината за зачестените смртни случаи кај млади луѓе, дали пациентите се соодветно лекувани, каков бил нивниот пат на лекување, па затоа се обративме и до директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, доктор Ирина Бухова, за да ни објасни дали нивни инспектори досега се испратени на терен и што откриваат.

Таа ни потврди дека во случајот со 35-годишната ресенчанка веќе е извршен инспекциски надзор и е откриен пропуст во следењето на пациентката.

„ На 7 септември, 2020 година, ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор кај матичниот доктор и матичниот гинеколог на пациентката М.Т.  на возраст од 35 години, која почина во домашни услови на 6 септември, во утринските часови. При тоа во картонот и електронскиот дневник е евидентирана посета на први септември, кога пациентката се жали на болки во грло, малаксаност, температура и дава анамнестички податок дека била на одмор во Струга. Дадена и е соодветна терапија и закажан тест за Ковид 19 на 2 септември, а позитивниот резултат е добиен на 3 септември. Секој ден е контактирана од матичен доктор, при што се евидентираат истите симптоми. На 4-ти, пак е евидентирана голема малаксаност, а на 5-ти септември се чувствува подобро од претходниот ден. Само еден ден подоцна, на 6 септември во утринските часови доаѓа до нагло влошување, повикана е Брза Помош и е констатирана смрт – објаснува доктор Бухова.

Само после три дена по нејзината смрт, ДСЗИ извршиле инспекциски надзор кај нејзиниот матичен гинеколог, при што е утврдено дека таа била кај него уште во март, поточно на 13 март, 2020 година при што и е даден упат за лабораторија Lu1 и LU1A.

„При втората нејзина посета кај матичниот гинеколог на 20 април креиран е упат за ПАП тест, а на третата посета после еден месец на 20 мај, пристигнати се резултатите од ПАП тестот. При тоа е констатирано дека пациентката не се вратила со лабораториските резултати од 13 март, ниту пак докторката не ги симнала од „мој термин“. Во присуство на инспектори од ДСЗИ, резултатите се испечатени и е констатирано покачен шеќер 13,46 и лесно покачен TSH. Докторката се правдала дека не знаела дека резултатите и стигнуваат во „мој термин“ и во корона ситуација – додава доктор Бухова.

Таа нагласува дека за вчерашните починати четворица пациенти веќе почнале вонредни инспекциски надзори.

 

 

Поврзани новости