ДС обвини за притисоци од ВМРО-ДПМНЕ врз нивни членови

by fokus

Демократскиот сојуз денеска одржа прес конференција на која Верица Филиповска, генерален секретар на ДС, обвини за притисоците над членови и активисти на ДС од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

-Демократскиот сојуз ја информира јавноста дека во последниот период се случуваат координирани и организирани притисоци врз наши членови од страна на функционери на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Целта на таквите влијанија е да се намали бројот на членството и активноста на Демократски сојуз како декларирана опозициска партија, во пресрет на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 г. Методите на притисоци главно се сведуваат на коруптивни понуди за вработување или напредување во кариерата, или пак, преку класични уцени и закани, при што од членовите на Демократскиот сојуз се бара јавно да се дистанцираат од политиките на партијата и декларативно да преминат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Филиповска.

Филиповска наброја повеќе случаи:

Под притисок на функционери на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Советникот на ДС во Советот на Општина Прилеп, со ветување дека неговата ќерка ќе биде вработена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на 04.11.2016 г. одржал прес – конференција на која соопштил дека ќе премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот во Собранието на Р. Македонија, од Кичево и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, на претседателот на ДС -Кичево,  нуделе вработување и унапредување на наши членови под услов јавно и декларативно да се дистанцираат од политиките на ДС и истите да преминат во ВМРО-ДПМНЕ.
–    Претседателот и секретарот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга на претседателот на ДС Струга, му нуделе вработување, доколку јавно ги осуди политиките на ДС и премине во ВМРО-ДПМНЕ.
–  На 03.11.2016 г. на кандидатот за пратеник на ДС од Радовиш, градоначалникот на Општина Конче од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, му понудил вработување на неопределено работно време, под услов да се пасивизира и да ја повлече кандидатурата за пратеник на ДС.
–  Во периодот од неколку месеци наназад, на претседателот на ОО на ДС Аеродром и советник во Советот на Општина Аеродром од редовите на ДС, во неколку наврати му биле нудени одредени бенефиции од страна на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
– Претседателката на ОО на ДС Кисела Вода, од страна на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода, била убедувана да премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
–  Претседателот на ОО на ДС на Штип, како и неговото семејство, се под постојан притисок на локалната администрација и членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, а неговата приватна фирма е под постојани инспекциски контроли. Тој беше вработен во ЈП „Ирис“, но договорот за работа не му го продолжија бидејќи не прифатил да одржи прес конференција и премине во редовите на ВМРО – ДПМНЕ.
–  Во јануари оваа година, на претседателот на ОО на ДС од Неготино, градоначалникот на Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од неговиот мобилен телефон му покажал смс-порака испратена лично од актуелниот премиер, во која било наведено упатство како да се заслабнат редовите на ДС. При тоа, му било сугерирано да премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а неколку месеци подоцна (поради учество на протестите) бил деградиран за два степени од работното место во Општина Неготино.

 

Поврзани новости