ДС: Насилниот упад е однапред подготвено сценарио помогнато од високи раководители во МВР

by fokus

Демократскиот сојуз најостро го осудува  упадот и насилството во највисокиот законодавен дом, Собранието на Република Македонија.

ДС инсистира на политичка и кривично правна одговорност за инспираторите, организаторите и директните учесници во овие крвави настани.

„Насилниот упад е однапред подготвено сценарио и со директно учество на високи раководители од Министерството за внатрешни работи. Неопходни се кадровски промени во МВР и други надлежни институции кои тотално потфрлија и дозволија насилство над пратеници, новинари, вработени во парламентот и припадници на полицијата“.

Демократскиот сојуз ги повикува сите граѓани будно да ја следат состојбата, но да останат смирени и присебни, да не подлегнуваат на провокации и да не се вклучуваат во протести кои се со висок ризик и да направат сѐ што е потребно за да се спречи можно натамошно нарушување на јавниот ред и поредок. „Во овие критични моменти за државата, мирот и стабилноста, очекуваме кај лидерите на партиите да преовлада чувството на одговорност и државност и активно да дејствуваат на смирување на состојбите. Државните институции да профункционираат, да се ослободат од партиските стеги и да обезбедат услови за работа на парламентот и мирен трансфер на власта“.

За решавањето на кризата Демократскиот сојуз дава приоритет на политичкиот дијалог и разумно однесување од сите кои се инволвирани во овие процеси. Да направиме сѐ за да ја спасиме Македонија, апелира ДС.

 

Поврзани новости