Сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ ја оценува како вистинита изјавата на премиерот, Зоран Заев, дека зад руските комичари кои го наседнаа стои организирана структура за дискредитирање на функционери кои се про-НАТО. Како што стои во анализата на „Вистиномер“ во едно интервју руските измамници велат дека во додани околности би прифатиле да бидат оружје на Кремљ.
Заев на својата прес конференција вчера изјави дека зад двајцата изманици стои „добро организирана структура која и во минатото има користено тактики за медиумска дискредитација“.
„И јас станав еден од оние што во изминатите неколку години се измамени од добро организирана структура. Тоа се структури што извлекуваат придобивки од нови облици, алатки и тактики за медиумска дискредитација и медиумско влијание, најчесто насочени против личности и земји со евро-атлантски аспирации. Тоа е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот за нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијание во интерес на трети страни“, рече Заев.
Рускиот медиум „Раша Бијонд“ во април 2016 објавува разговор со двајцата „пранкери“, со наслов: Обама биди внимателен: Кој е следниот на листата на руските шегаџии?
„Политичкиот пранк на Вован и Лексус без сомневање е корисен за Кремљ: нивните жртви обично се оние индивидуалци кои се во конфликт со Русија. Како и да е, Кузњецов и Стољаров подвлекуваат дека тие се само патриоти кои ги поддржуваат политиките на Путин, но не работат за Владата и детали за контактирање со нивните славни жртви ги наоѓаат преку „пријатели““ – пишува „Раша Бијонд“.
Севкупниот историјат на нивните измами, дали преку обичен телефонски разговор или преку апликации за комуникација, покажува дека таргет постојано биле лица или земји кои се во конфликт со Русија или во интерес на „трети страни“, како што изјави денеска Заев. Поради погоре изложените аргументи изјавата на Заев ја оценуваме како вистинита. Тој, без оглед на причините за пропустот, е жртва на добро организирана група која не го прави тоа од забава или поради шега, пишува „Вистиномер“.