Државниот студентски дом тврди дека нема буниште околу „Гоце Делчев“, туку дека се врши реконструкција

by fokus

Во врска со објавите на дел од интернет порталите дека во студентскиот дом “Гоце Делчев“ во Скопје е создадено буниште, Државниот студентски дом – Скопје демантира и информира дека во овој објект изминатиот период се реализираа градежни активности за темелна реконструкција.

Претходно на Фејсбук страната Зелено Тафталиџе беа објавени фотографии на кои се гледа расфрлано ѓубриште во дворот на домот, а имаше и апел од граѓани инспекторите да излезат на терен и да преземат соодветни мерки против загадувачите.

Во демантот на студентскиот дом се вели дека биле заменети вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење и дека било извршено молерисување на ѕидовите и се поставува нова опрема во сите соби.

„Објектот, согласно процедурите за работа и безбедност, беше целосно заграден, а во изминатите неколку денови оградата е отстранета, заради отстранување и на градежниот отпад. Така штo, апсолутно е невистина дека е околината на објектот е претворена во депонија“, се вели во демантот од државниот студентски дом во Скопје.

Поврзани новости