Државна матура, сепак, ќе има

by Fokus

Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот, вклучувајќи ја и нашата држава. Затоа, во интерес на младите, а, пред сѐ, во интерес на националниот образовен систем, ве повикувам сите заеднички да ја организираме државната матура

Пишува  Мила ЦАРОВСКА

Деновиве слушам како дел од матурантите се противат на одржувањето на државната матура за оваа учебна година, чиј законски рок е јуни 2021 година. Иако, засега тивко, на нивното барање за откажување на матурскиот испит поддршка дава и дел од наставниот кадар, на кој очигледно му е полесно да не си ја заврши работата за која е платен.

Сакам да им порачам и на учениците и на наставниците дека годинава државна матура, сепак, ќе има. Не затоа што министерката така сака, туку затоа што е во најдобар интерес на учениците, но е и законска обврска.

ПРАЗНИ ИЗГОВОРИ

И сега знам дека ќе барате оправдување за одложувањето на матурата, со изговор дека сме во пандемија со ковид-19, па дека учењето на далечина не е како што треба, па дека полагањето не е безбедно по здравјето итн…, но сево ова се само празни изговори без поткрепа со аргументи.

Луѓето што лично ме познаваат, знаат дека сите одлуки ги носам врз основа на факти и издржани анализи, а не на емоции. Затоа ќе ви кажам најмалку три факти поради кои сметам дека државната матура мора да се одржи.

Прво: Иако многумина беа скептици и не веруваат дека онлајн-наставата ќе успее, во моментов над 90 отсто од учениците, вклучувајќи ги и матурантите, успешно следат настава од далечина. Ова не се измислени податоци, туку прецизни бројки добиени врз основа на дневните извештаи од основните и од средните училишта.

Второ: Ако ја одложиме матурата за учебната 2020/2021 година, ќе бидеме единствената земја во Европа и во регионот што не одржала државна матура, правдајќи се со пандемијата, и тоа втора година по ред. Нема да дозволам на нашите млади да им се ускрати оваа можност.

Трето: Постојат низа безбедни начини да се организираат завршните испити, а притоа да се почитуваат мерките за заштита. Доволно е само да погледнеме не подалеку од регионот и да видиме дека под здравствени протоколи успешни матурски испити за 2020 година организираа Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово и Албанија. Ако можат другите, можеме и ние.

ИСПИТНИ ПРОГРАМИ СО СКРАТЕНИ СОДРЖИНИ

Најважно од сѐ е што целата организација ќе ја правиме во континуирана консултација со учениците и училиштата и сите заеднички ќе го избереме начинот за успешно и безбедно полагање на матурските испити.

Со оглед на тоа дека полагањето на државната матура се прави согласно утврдените законски рокови, ги повикувам матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, која оваа учебна година за првпат имаат можност за реализација во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите.

Исто така, до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, која е проширена со уште нови два предмета. Бидејќи се наоѓаме во учебна година која е поразлична од другите, а во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини.

Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот, вклучувајќи ја и нашата држава. Затоа, во интерес на младите, а, пред сѐ, во интерес на националниот образовен систем, ве повикувам сите заеднички да ја организираме државната матура. Верувам дека и покрај пандемијата ќе успееме.

 

Поврзани новости