Државен удар 2017

by Fokus

Драган АЛЧИНОВ

Снимките од вчерашниот државен удар на националистичките нетолерантни толпи го обиколи светот. Веројатно ова беше неопходно да се случи за да се испрати недвосмислена порака до оние кои можеби се сомневаа до сега. После случувањата од синоќа веќе никој нема сомнеж кој е кој и кој за што се залага.

Толерирањето на нетолерантните несомнено води кои нетолерирање на толерантните и искоренување на толеранцијата во општеството. И овде токму институциите ја имаат примарната улога во заштитата на општеството од оние кои не умеат да ги толерираат другите.

РЕЖИМОТ БЛУЕШЕ ОМРАЗА

Но, наместо да ги преземат своите законски овластувања и да го заштитат претставничкиот дом и народните претставници и новинарите, полицајците стоеја отстрана, а некои од нив дури и со насмевки на лицето се поздравуваа со демонстрантите и се сликаа со нив.

Истата онаа полиција која многу умешно тепаше студенти и со тешко вооружување ги обезбедуваше мирните протести на ,,Шарената револција’’, молкум стоеше додека македонската демократија крвавеше, а маскираните натрапници го демолираа домот на демократијата. Со тоа полицијата стана соучесник или во најмала мера- публика во државниот удар.

Вчерашните случувања, како и денешниот осврт на министерот за внатрешни работи,уште еднаш покажаа дека институциите се целосно партизирани, подјармени и неважни- освен кога се во служба на режимот. А и како не би било така кога државата се сфаќа како екстензија на партијата, а партијата, пак, како екстензија на личноста на лидерот. Неслучајно Европската комисија во Извештајот за напредокот во европските интеграции ја нарече Република Македонија ,,заробена држава’’.

Режимот премногу долго сееше гнев и омраза кон сите неистомисленици. Медиумите, институциите, дури и уметниците секојдневно ширеа гнев и омраза кон сите оние кои се ,,дрзнуваа’’ да ја критикуваат власта. Цела деценија режимот блуеше со омраза кон ,,домашните и странските непријатели’’. Особено изминативе неколку месеци откако стана јасно дека деновите на режимот се изброени, пропагандата зајакна до невидени размери, подготвувајќи го лојалниот народ за кулминација.

ОБИД ЗА ФАКТОРИЗАЦИЈА

Неслучајно дивите националистичко-клиентелистички орди вчера извикуваа ,,Убиј го Заев!’’ Таква омраза, таков порив за убиство на човек не се раѓа преку ноќ и случајно.

Никој нема сомнеж дека синоќешните случувања се дело на Груевски, детално планирани и долго подготвувани настани. Ова е негов последен обид за факторизација. Неговата желба во овој момент е повторно како еднаков да се врати на преговарачката маса и да биде фактор за иднината на државата, изигрувајќи грижлив лидер кој како некој месија може да ја спаси државата од кризата која самиот ја инсценира и ја управуваше со далечинско.

Всушност, Иванов и Груевски не кријат дека посакуваат лидерска средба на која ќе можат да се ценкаат за својата слобода за возврат за гаранции дека ќе го одржуваат мирот. Но, лидерската средба воопшто не е потребна: ситуацијата е многу јасна и единственото што и’ е потребно на Републиката е одблокирање на демократските процеси и непречено функционирање на институциите.

Ваквиот тек на настаните е резултат на предолго толерираната авторитарна и целосно корумпирана власт која го блокира процесот на трансфер на власта зашто знае дека тој процес несомнено ќе значи отварање судски процеси против нив и нивно лишување од слобода. Затоа до сега режимот со сите сили и на различни начини се обидуваше да го спречи мирниот трансфер на власта.

Иванов, спротивно на уставните одреби, одбиваше да го даде мандатот за формирање влада на кандидатот кој доби поддршка од мнозинството пратеници во Собранието. Пратениците со месеци го прекршуваа Деловникот и ги злоупотребуваа демократските процедури во Собранието за да ги спречат демократските процеси. Судот, пак, одбивајќи да суди според законите ги блокираше правните процеси.

НАСИЛСТВОТО СТАНА МЕТОД НА ДПМНЕ

И кога парламентарното мнозинство реши веќе да не ги толерира повеќемесечните игри на режимот и да преземе чекор кон формирање легитимна власт, односно кон избор на нов претседател на Собранието, толпите поддржувачи на ДПМНЕ беа искористени за финалниот напад врз демократијата.Самиот Груевски уште пред неколку месеци најавуваше радикални чекори доколку мнозинството формира влада, а неговите постапки и изјави беа крајно неодговорни, пропагандистички и во насока на разгорување на страстите.

Всушност, насилството стана одлика и метод на ДПМНЕ низ годините: режимот и досега затвораше критички медиуми, тепаше новинари и пратеници, студенти и сите неистомисленици беа таргет на гневот на корумпираниот режим кој тежнееше кон апсолутна власт без предизвици и предизвикувачи, организираше контрапротести, се служеше со секаков вид на уцени, местенки и закани… И затоа за сите оние кои ја следеа ситуацијата во Македонија изминативе години вчерашните настани воопшто не се изненадување.

Загрижува тоа што пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села е со тешки повреди. Сликите од неговата раскрвавена глава, многу природно, ќе поттикнат негативни емоции кај неговите поддржувачи кои лесно можат да избијат во конфликти од етничка природа во земјата, со тоа дополнително комплицирајќи ја ситуацијата и создавајќи уште поголема нестабилност.

Земјата е во тешка состојба и и’ е потребна силна и едногласна поддршка од меѓународните партнери. Повторното воспоставување на мирот и стабилноста неопходно изискува итно формирање на легитимна власт која ќе обезбеди функционални институции кои можат да се носат со состојбите и предизвиците. Час поскоро, веднаш после формирањето на новата Влада, потребен е силен ангажман на Европската Унија и повторно отварање на европските перспективи за земјата и за регионот како траен гарант за реформите, мирот и стабилноста.

 

 

Поврзани новости