Државата конечно ја здогледа Амела, на 30 години за прв пат доби извод

by fokus

Жена на возраст од 30 години, која со години живее во скопската населба Шуто Оризари, неодамна за прв пат стана видлива за државата, односно доби извод на родени. Таа беше дел од 700-те сограѓани, кои се невидливи за државата, односно немаат извод и лични документи, па не фигурираат во системот.

-„Невидливите стануваат видливи“. Амела за прв пат oваа година се запиша во Посебната матична книга на родените – доби извод и стана здравствено осигуран. Во согласност со новиот Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родените, таа се запиша во Посебната матична книга на родените и доби извод, велат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, кои девојката ја нарекуваат Амела, но велат дека тоа е измислено име, за да го сокријат нејзиниот идентитет.

Појаснуваат дека Амела со документацијата се обратила во младинскиот центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари од каде што заедно заминале до Фондот за здравствено осигурување за да си го регулира здравственото осигурување.

-Службеничката од Фондот нѐ информира дека според законот, секој што сака да си го регулира здравственото осигурување, мора да има извод и лична карта. Ние, параправничките, објаснивме дека тоа важи за сите лица кои имаат лична документација, а лицата кои не се евидентирани во матичната книга на родените, согласно новиот закон може да го регулираат здравственото осигурување без лична карта – односно, дека доволно е да достават потврда дека имаат закажан термин за вадење лична карта. Оттука, доставивме доказ дека Амела има закажано за лична карта и потполнивме изјава дека таа ќе ја достави штом ја земе, велат од организацијата.

Оттаму појаснуваат и дека Амела долги години живее во скопската општина Шуто Оризари. Таа е сопруга и мајка на две малоленти деца. Пред две недели, нејзиното второ дете починало од природна смрт на двомесечна возраст.

Невидливи за државата се се уште неколку илјади граѓани, а официјално беа детектирани околу 700. Односно, во 2018 и 2019 година беше спроведена голема акција за евидентирање на овие граѓани, па со помош на невладиниот сектор, УНХЦР и институциите беа регистрирани околу 700.

На почетокот на годината пак беше донесен Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родени, а се со цел да се реши овој неколку децениски горчлив проблем.

В.В.

Поврзани новости