Другата страна на рекламите: Кој стои зад бизнисот со билбордите во Македонија?

by Фокус

Сите 24 часа во денот, седум дена во неделата, билбордите го освојуваат секој случаен минувач. Кога човек се приближува кон него, тој едноставно не може да го игнорира поради неговата големина и упадливост, а со тоа и пораката што му ја соопштува, за разлика од пропагандните пораки од телевизијата и новите медиуми, кои се прекинуваат со помош на само едно копче. Со оглед на нивната густина и распространетост, речиси невозможно е пешачењето, па и возењето на луѓето без постојано да налетуваат на рекламни паноа, кои буквално ѕиркаат од сите страни. Главниот град и цела земја се преплавени од овие табли, кои промовираат разни групи и поединци за соодветен надоместок кон агенцијата која стопанисува со нив.

Надворешното рекламирање станува се поатрактивно во ситуација кога рекламирањето на традиционалните медиумите е недостапно за секој, затоа што чини многу повеќе. Исто така, и поради некои свои компаративни предности во однос на рекламирањето на интернет. Приватните компании и политичките партии се повеќе се ориентираат кон овој тип на „надвор од дома“ рекламирање“. Според упатените во овој бизнис, последната заокружена година, компаниите што се работат во овој сектор, направиле обрт на околу 4 милиони евра, со тенденција оваа бројка да се зголемува од година в година. Најголем процент од оваа сума на пари се вртат во главниот град Скопје, додека останатиот дел во другите градови низ Македонија, како и на меѓуградските простори и граничните премини, каде се поставени таканаречени бигборди. Неодамна, дојде до прегрупирање на силите и до зголемување на конкуренцијата во овој бизнис, пред се во Скопје, каде сега главно дејствуваат четири маркетинг-компании.

Една од нив се проби на овој пазар и го рашири своето присуство на територија на цела Македонија. Патем, сопствеништвото и раководството на оваа компанија е во тесна роднинска врска со министер и генерален секретар на една од најголемите владејачки партии.

ГОЛЕМ ИНТЕРЕС, МАЛКУ ПОНУДИ

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кога за првпат се кандидираше за градоначалник на главниот град, во изборната програма за мандатот од 2009 до 2013 година, вети дека доколку биде избран ќе донесе процедура преку која ќе се регулира поставувањето на билборди на јавна површина. Тогаш, тој гарантираше оти просторот за таа намена ќе се издава на транспарентен начин.

– Знаеме дека со отворањето на ова прашање ќе наидеме на многу притисоци, бидејќи во овој бизнис се вртат многу пари, но мораме да се обидеме да го решиме проблемот со билбордите – говореше Трајановски пред повеќе од 4 години.

Набргу потоа, поточно во 2010 година, Советот на Град Скопје донесе Одлука за утврдување на потребата за поставување на урбана опрема, како и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема. Две години подоцна, Советот ја донесе Програмата за поставување на урбана опрема – реклами паноа на подрачјето на Скопје за периодот од 2012 до 2027 година. Во оваа програма, објавена во Службениот гласник на Град Скопје број 9/2012, се утврдени зони и се дефинирани граници каде мора да се поставуваат рекламните паноа. Исто така, овој документ ги пропишува типот и обликот на паноата, кои мора да бидат унифицирани, и ја предвидува постапката низ која се добиваат локации за нивно поставување.

Врз база на оваа програма, пак, Градот кон крајот на 2012 година објави јавен оглас за прибирање на понуди за добивање на вкупно четири пакети на локации за поставување на рекламни паноа во градот. Поделбата на четирите пакети автоматски значеше сузбивање на позициите на двете маркетинг-компании, кои дотогаш беа концесионери на градот: „Лазов Груп“ и „Акцент Медиа“. За „Лазов „Груп“, која, според податоците од Централниот регистер, е основана во 1996 година од страна на Владимир Лазов, во јануари годинава е отворена стечајна постапка. Па, како овластено лице на фирмата всушност се јавува стечајниот управник Весна Спирковска.

Што се однесува до „Акцент Mедиа“, формирана во далечната 1995 година, како што самата објавила на својата интернет-страна, претставува дел од австриската компанија со осумдецениско искуство во оваа област – „Епа Медиа“. Нејзини фирми ќерки, покрај во земјава, делуваат во Бугарија, Романија, Словачка, Унгарија, Чешка и Хрватска.

По првиот јавен оглас, три фирми потпишаа договори со градот за поставување на рекламни паноа: „Акцент Медиа“, „Калаплакат“ и „Скрин Медиа“. Поради тоа што се бараа четири фирми, се јави потреба од распишување на втор оглас, по што договор беше потпишан и со „Медиа-С“. Така, официјалните податоци покажуваат оти „Калаплакат“ е формирана како друштво за трговија и услуги во 2006 година. Нејзин основач е извесен Круме Апостолов, кој воедно е и управител на компанијата. Во врска со „Медиа-С“, таа е формирана во 2001 година. Нејзината тековна состојба гласи дека основач е Славко Секулов, додека како управител се јавува Филип Лазов.

Имено, договорите што компаниите ги потпишаа со Градот, како што соопшти самиот градоначалник по потпишувањето, предвидуваат дека во следните 15 години секоја од нив ќе располага со еден од четирите пакети со по 200 локации за поставување на рекламни паноа-билборди. Згора на тоа, во секој пакет влегуваат по 62 за таканаречени ситилајти, како и по 13 за панели. А, за тоа тие мора да му плаќаат на Градот по 302.000 евра секоја година.

Тоа значи дека почетната цена за наддавање била натфрлена за еден чекор од 2.000 евра, колку што е предвидено во јавниот оглас како неопходно прво минимално наддавање. Во огласот е определено дека во битката за локации за рекламни паноа имале право да учествуваат компаниите со најмалку две години оперативно искуство и без долгови кон градот.

Практично, ниту една од компаниите немала причина да достави повисока понуда од тоа што морала. На првиот оглас 3 компании конкурирале за 4 пакети, така што тие смееле да се натпреваруваат за кој било од нив, но на крајот една компанија не можела да добие повеќе од еден пакет. На вториот оглас, пак, имало уште почиста ситуација, бидејќи се јавила само една компанија за еден пакет.

Од одговорите што ги добивме од Градот Скопје по писмен пат произлегува дека четирите избрани компании не биле единствени заинтересирани за еден од четирите пакети, меѓутоа повеќето од нив се откажале од намерата да достават понуди по првиот оглас. Некои од нив воопшто не ни доставиле понуди кои ги исполнуваат условите за јавно наддавање.

-На првиот јавен оглас, документација за јавен оглас за доделување на локации за поставување на рекламни паноа на подрачјето на Град Скопје подигнаа вкупно 12 правни лица, а 5 од нив доставија понуди. По извршената проверка на комплетноста и валидноста на понудата, како и по спроведената евалуација на истата, се утврди дека вкупно 3 од правните лица што поднеле понуди ги исполнуваат условите за учество во јавното наддавање – не информираа од Град Скопје.

Од таму додаваат дека сите компании засега ги почитуваат обврските од четирите договори меѓу Градот и компаниите, како и стандардите од Програмата за поставување на урбана опрема – реклами паноа на подрачјето на Скопје за периодот од 2012 до 2027 година.

АКТИВНА ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА

Во ова истражување особено место зазема компанијата „Скрин Медиа“, затоа што нејзиниот сопственик и управител, Ељмедин Адеми, е внук на новиот министер за образование, Абдулаќим Адеми. Притоа, министерот за образование истовремено е и генерален секретар на вториот по големина коалициски учесник во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ. Документите од Централниот регистар потврдуваат дека формирањето на компанијата во средината на 2008, со паричен влог од 100.000 евра, временски се поклопува со враќањето во власта на ДУИ, по двегодишен престој во опозиција. Првично, компанијата била формирана од тројца основачи (ДОО), но во меѓувреме доаѓа до промена на сопственичката структура и денеска е во сопственост на едно лица (ДООЕЛ).

Во прилог на тоа, Абдулаќим Адеми беше пратеник во македонското собрание од 2002 до 2006 година. Кога ДУИ повторно стана дел од извршната власт во 2008 година, Адеми е избран за вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор, а веќе следната година тој станува и втор човек во својата партија, откако на Конгресот во 2009 година е избран за генерален секретар, функција на која е реизбран и на овогодишниот партиски Конгрес. Во меѓувреме, тој беше и министер за животна средина, се до последните парламентарни избори, по кои е избран за министер за образование.

Компанијата на неговиот 26-годишен внук, „Скрин Медиа“ не работи само во Скопје, туку е присутна и во други делови на државата. Имајќи во предвид дека главниот бизнис е во метрополата, билбордите во другите градови и бигбордите во меѓуградски средини, велат познавачите, најчесто се користат за подобрување на понудата кон клиентот што се однесува на главниот град. Сепак, ниту локациите во другите поголеми градови во Македонија не се за потценување. Според податоците од самата компанија, објавени и на нејзината интернет-страница, таа поседува свои локации во Западна Македонија, како во Гостивар, Тетово, Кичево, Струга. Најголем број од овие општини моментално се под локална власт на ДУИ.

На последните локални избори во 2013 година, градоначалник на Гостивар стана потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта. Како што ни рекоа од Општината, пред повеќе од еден месец „Скрин Медиа“ го добила правото на општината да стопанисува со билбордите, но и обврската сама да ги изгради.

– Пет од вкупно 20 билборди веќе се изградени, па остануваат уште 15 – телефонски ни изјавија од кабинетот на градоначалникот, истакнувајќи дека имало интерес од уште една компанија, но не одела до крај.

Општината Тетово, која ја предводи уште една потпретседателка на ДУИ – Теута Арифи, врз основа на одлука на советот, има договори за надворешно рекламирање две компании, од кои едната е „Скрин Медиа“. Но, велат од таму, тие се склучени за време на претходниот градоначалник од редовите на ДПА, Сади Беџети.

– Надворешното рекламирање во општина Тетово е регулирано со одлука на советот на општината за начин, услови и критериуми за поставување на рекламни паноа во подрачјето на општина – ни нагласија по електронски пат од оваа општина.

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, пак, по нашето прашање упатено директно нему како е уредена оваа тема во општината, побара прашањето да му го испратиме по електронска пошта. Арно ама одговор не добивме.

За министерот за образование и генералниот секретар на ДУИ, Адеми, околу тоа дали гледа нешто спорно и проблематично во фактот што оваа компанија има договори со повеќе општини, при што некои од нив ги водат негови сопартијци, тој преку смс-порака ни напиша:

– Скоро ситеа сите договори што компанијата ги има со општините се од период кога ДУИ не раководеше со тие општини.

ПРИСУТНА И ВО ШТИП, ВЕЛЕС, ОХРИД…

Исто така, „Скрин Медиа“ е присутна и во други делови на земјава, односно во општини претежно под локална власт на поголемиот владин партнер, ВМРО-ДПМНЕ. Некои од нив се Штип, Велес, Охрид…

– Во Штип многу компании имаат свои билборди, постои конкуренција – рече градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев.

„Скрин Медиа“ победила на тендерот на општината Велес за стопанисување со билбордите во градот во 2010 година, иако, како што пишуваа тогаш локалните медиуми, друга компанија, која дотогаш стопанисувала со десетиците билборди во градот, доставила пониска понуда. Од оваа општина, каде во меѓувреме дојде нов градоначалник, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, ни изјавија дека договорот со „Скрин Медиа“ веќе истекол, па има одлука на советот набрзо да објават нов јавен оглас.

– Новиот концесионер ќе биде оној што ќе биде оној што ќе победи во наддавањето – истакна актуелниот градоначалник Славчо Чадиев.

Компанијата соработувала и со општината Охрид, во време кога градоначалник беше Александар Петрески од СДСМ, чиј втор мандат заврши минатата година.

Бирото за јавни набавки покажува дека Општина Охрид во 2011 година склучила договор со „Скрин Медиа“ во вредност од 2 милиони денари (над 32.000 евра). Според договорот, општината од оваа компанија набавила три патнички моторни возила. Притоа, критериумот за избор не бил најниска, туку економски најповолна понуда. Конкретно, цената носела 50 бодови, додека останатите 50 бодови ги носеле техничките карактеристики и гаранцијата на возилата, како и рокот на испорака. На тој начин, според јавно достапните податоци, „Скрин Медиа“ ја добила јавната набавка, бидејќи еден од трите понудувачи доставил пониска цена за околу половина милион денари.

Од кабинетот на актуелниот охридски градоначалник Никола Бакрачески објаснуваат дека во периодот на неговиот претходник се поставувале билборди буквално насекаде, без да се води уредна документација. Поради тоа, посочуваат од таму, советот на општината донел одлука да се евидентираат сите билборди и да им наложи на компаниите што ги поставувале да ги отстранат.

– Потоа, треба да се донесе план за поставување на околу 40 билборди на територија на општината, но не во стариот дел на градот. Тие ќе треба да бидат стандардизирани и осветлени. Потоа, ќе има јавен повик на кој ќе се избере компанија што ќе ги постави и ќе управува со нив, а дали ќе биде една или повеќе, засега не е познато – велат од Општината.

Во врска со јавната набавка на возила вредна 2 милиони денари, од таму усно ни одговорија дека се работи за три возила марка „форд“, кои се фактурирани се 600.000 денари.

– Инаку, „Скрин Медиа“ ја тужи општината побарувајќи 3 милиони денари. Овде нема документација на што се однесува оваа сума – појаснуваат од општина Охрид, додавајќи дека своевремено една друга маркетинг агенција го затворила долгот кон општината преку компензација со, исто така, моторни возила, за што дури не бил распишан ниту тендер.

Во таа насока, Министерството за внатрешни работи во 2011 година соопшти дека поднела кривична пријава против управителот на „Скрин Медиа“, Ељмедин Адеми, за узурпација на недвижности и за тешка кражба. Тој, според пријавата на МВР, на 15 локации во Охрид узурпирал јавна површина со поставување билборди без одобрение на Општината и неовластено приклучувал електрична енергија за осветлување на билбордите. Имаме информација дека за овој случај се уште се води судски процес.

Не успеавме да стапиме во контакт со екс градоначалникот Петрески.

СОРАБОТКА СО ДРУГИ КОМПАНИИ

Со други државни органи и институции „Скрин Медиа„ нема склучено договори за реализација на јавна набавка, но соработувала со друга маркетинг-агенција која склучила неколку такви договори, а тоа е „Генезис комуникации“. Поранешниот сопственик на компанијата, Петар Арсовски, потврдува дека соработувале со „Скрин Медиа“ за кампања што ја правела за потребите на државен орган.

– Посебно соработувавме за билборди во Западна Македонија – вели тој.

Арсовски во меѓувреме ја продал компанијата формирана на крајот на 2005 година, која во 2013 година се трансформирала и преименувала во „Таг Комуникации“. Информациите од официјалните институции откриваат дека сопственик и управител на компанијата, чија примарна дејност е маркетингот, но се занимава и со трговија на стоки и транспорт на луѓе, е Газменд Ајдини.

Меѓу другото, „Генезис комуникации“ склучила договори со неколку органи (Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор; Агенција за странски инвестиции; Македонски пошти…). Но, како што нагласуваат од „Скрин Медиа“, соработувале со нив само за кампања за „Македонски пошти“. Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека „Генезис комуникации“ склучиле два договори со „Македонски пошти“ во 2011 година, од кои едниот е за осмислување и реализација на маркетинг-кампања, вреден 33 милиони денари, или половина милион евра. Вториот договор за јавна набавка меѓу „Генезис комуникации“ и „Македонски пошти“ впрочем претставува анекс или проширување на претходен договор од нецел милион денари. Во 2010 година, пак, „Генезис“ и „Поштите“ склучиле договор, на кој се однесува анексот, за осмислување и реализација на кампања, вреден 14 милиони денари.

Колку за информација, „Македонски пошти“ во последните години ги предводат кадри на ДУИ. Така, Рафиз Алити беше генерален директор во периодот од парламентарните избори во 2011 година се до овогодишните избори, на кои беше избран за пратеник. Негов претходник беше Ејуп Рустеми.

– Ние сме деловна компанија во областа на надворешното рекламирање, и соработуваме со многу компании и клиенти. Не сме блиски до ниту една партија. Ние партиите ги гледаме само како потенцијални клиенти и токму затоа имаме соработувано сите. За време на политичките кампањи, на нашите билборди се појавуваат огласи од сите партии, со кои соработуваме на чисто комерцијална основа. Нашето деловно работење не може од ниту еден аспект да се доведува во контекст со политиката. Работењето со јавните и државни институции не зазема повеќе од 2 до 3 отсто од нашата работа – уверува првиот човек на „Скрин Медиа“ Адеми.

Тој во одговорот преку мејл нагласува дека во последните неколку години од почетокот на економската криза е доста тешко, особено поради фактот што при економски кризи први се кратат буџетите за рекламирање.

– Поради новите правила за надворешно рекламирање во последната година-две требаше да направиме дополнителни инвестиции. Ние поседуваме вкупно во цела Македонија 400 билборди, мегалајти и бигборди. Бидејќи немаме финансиски капацитети за монтирање на објектите низ Скопје, ние сме корисници и на комерцијален кредит од домашните банки, така да не може да се зборува за некаков профит – заклучува тој.

РАБОТА СО ДОНАТОР НА ПАРТИЈА

Освен тоа, тој делува и во градежниот бизнис, како косопственик на градежната компанија „Еуровиа“, заедно со неговиот татко Џемаљедин Адеми, братот на Абдулаќим Адеми. Поточно, таткото Адеми е менаџер на техничкиот оддел, додека синот Адеми е генерален менаџер на претпријатието кое се занимава во високоградба, нискоградба и хидроградба.

Според официјалните информации од Централниот регистер, компанијата е основана во 2010 година. Но, младиот Адеми дообјаснува дека оваа компанија „функционира како семејна компанија долго искуство и долга традиција во градежништвото, која не работи за јавни и државни институции“.

Информациите што компанијата сама ги објавила на својата интернет-страна, говорат дека „Еуровиа“ учествувала со проекти со Министерството за здравство и со Општина Карпош, за реновирање болница во Чаир, односно за изградба на административна зграда во Карпош. Министерството за здравство во 2010 година склучило договор за градежни активности на гинеколошката болница во Чаир, како дел од пакетот за реконструкција и на поликлиниките „Идадија“, „Букурешт,, и „Јане Сандански“, со бугарската компанија „ГБС Благоевград“, вреден над 150 милиони денари.

Што се однесува со изградбата на административната зграда во Карпош, оваа општина го склучила во истата 2010 година, со тетовската градежна компанија „АК-Инвест“, во вредност од скоро 73 милиони денари. Овие компании, кои имаат склучено и други договори за јавни набавки, ја ангажирале „Еуровиа“ како подизведувач на двата проекти, и тоа во време непосредно по формирањето на компанијата во 2010 година. Подружницата на бугарската компанија во земјава веќе е ликвидирана. Од „АК Инвест“, основана во 2005 година од страна на Азби Нуредини, не одговорија на нашето прашање испратено преку електронска пошта дали и за некој друг проект ја ангажирале „Еуровиа“.

Дополнително, „Еуровиа“ објавила дека градела објект од 1.340 метри квадратни и за потребите на приватниот инвеститор од Тетово Ќатип Фетаи. Истото лице се јавува во извештајот на ДУИ за локалните избори во 2013 година, доставен до Државниот завод за ревизија, како донатор на партија со сума од 600.000 денари.

Од сето тоа произлегува дека во буџетите на „Скрин Медиа“ и „Еуровиа“ не се слеале народни пари, барем не директно и непосредно, ама вреди да се напомене дека компанијата соработувала со други фирми што соработувале со државни органи. Во држава како Македонија, каде својствени се спрегите меѓу политиката и бизнисот, секогаш привлекува внимание кога одредена компанија ќе го достигне врвот во одредена бизнис-сфера, дотолку повеќе што работата на компанијата, чиј основач е управител е во тесна роднинска врска со висок државен функционер, зависи од договорите што ќе ги потпише со општини.

Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.

Поврзани новости