ЦИВИЛ: Партија го крши изборниот молк во Гази Баба и евидентира гласачи, поранешен заменик министер организира превоз во Шутка

by fokus

Набљудувачите на ЦИВИЛ утринава бележат мирен и навремен почеток на изборниот ден во 35-те општини каде што се спроведува вториот круг од локалните избори. Исклучок прави избирачкото место 2433, во ОУ „Витуриа“, во општина Сарај, кое било заклучена до 8:30 часот. Времето на гласање на ова гласачко место, според законот, мора да се продолжи за толку време колку што траело доцнењето.

„На самиот почеток на изборниот ден не се бележат поголеми нерегуларности. Напротив, се чини дека и избирачките одбори се во подобра кондиција отколку за време на изборниот ден во првиот круг. Сепак, наспроти мирниот и регуларен почеток на изборниот ден, набљудувачите на ЦИВИЛ доставија и пет извештаи за нерегуларности“, велат од таму.

Во с. Трубарево, општина Гази Баба, се нотира кршење на изборниот молк и агитирање од изборен штаб на една политичка партија на околу 50 метри од избирачкото место што се наоѓа во ОУ „Крум Тошев“. Пред изборниот штаб се врши и евиденција на гласачи. Постои и видео снимка од оваа ситуација, која ќе биде достапна за јавноста по завршувањето на изборниот молк.

Од набљудувачите во општина Шуто Оризари доаѓаат повеќе три извештаи. Првиот се однесува на организиран превоз кој го врши поранешен заменик министер од претходната власт. Превозот се врши со автомобили и со едно комбе, чии регистарски таблички се забележани.

Исто така во Шуто Оризари, во училиштето „26 Јули“, се нотираат два случаи на семејно гласање.

Набљудувачите на ЦИВИЛ информираат и за еден случај на  фотографирање на гласачкото ливче. Лицето е фатено на дело и приведено од полицијата.

Во Штип, полицаец побарал од акредитиран набљудувач на ЦИВИЛ да се оддалечи од местото кое се наоѓало надвор од избирачкото место. Иако уредно се претставил и ги покажал сите потребни документи, нему му било кажано да замине од таа локација.

„Тоа претставува ограничување на слободата на движењето воопшто, а да не говориме што акредитиран набљудувач има право да биде таму каде што смета дека има одредена изборна нерегуларност“, посочуваат од ЦИВИЛ.

 

 

Поврзани новости