Дрскоста за да се дојде до пари нема граници: Жена во Скопје се претставувала како мајка на Валерија Зафировска!

by fokus

Измамничка која се претставувала како мајка на седумгодишната Валерија Зафировска, за која изминатава недела се собраа средства за лекување во Турција, им се претставувала на скопјани како мајка на девојчето и им барала пари.

Марина Зафировска, мајка на седумгодишната Валерија од Штип, за која деновиве се собраа 40.000 евра за операција на клиника во Турција, пред еден час на својот Фејсбук профил испрати предупредување до јавноста, дека во Скопје жена оди од врата на врата и лажно се претставува со нејзиното име.

Според сознанијата кои ги имала Зафировска, непознатата жена барала пари од граѓаните, тврдејќи дека е мајка на Валерија.

„До сите пријатели! Имаме дојава дека некоја жена оди во Скопје, поточно во Тафталиџе 2 од врата на врата и се претставува како мајка на Валерија и собира пари со изговор дека и требаат за престој во Турција. Жената немала никаква идентификација. Значи, средствата за Валерија се собрани. Нека и прости Господ на таа жена што ова го злоупотребува и се претставува како мајка на моето дете“ – апелираше Зафировска.

Таа денес ги уплатила средствата од донациите кои ја надминале сумата која им е потребна за лекување, на сметките на две дечиња, кои за исто така во тек се хуманитарни акции.

Ова не е прв случај измамници лажно да се претставуваат и да одат од врата на врата, барајќи пари за наводни операции, изгорена куќа, храна… Минатата година во Тиквешијата се појавија дури и измамници кои со лажен крст собираа пари од граѓаните, тврдејќи дека тоа е светиот крст кој го фатиле за време на верскиот празник „Водици“.

Токму поради големиот број на дрски измамници кои оперираат низ градовите, голем број од граѓаните имаат изгубено верба, па се случува да ја затворат вратата и пред оние на кои навистина им е потребна помош.

Вики Клинчарова

Поврзани новости