Дронови и кловнови!

by Владо Апостолов 12:54
12:54

apostolovУна Хајдари е новинарка од Косово, Албанка, која лани ја запознав во Словенија на летната школа организирана од БИРН. За разлика од многу нејзини колеги и сонародници од Македонија, Косово и од Албанија, таа вчера ја осуди провокацијата со албанското знаме за време на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија во Белград.

Уна на Фејсбук опиша дека луѓето во центарот на Приштина го слават чинот, сите до една телевизии постојано го објавуваат моментот кога дронот (малиот хеликоптер на далечинско) го спушта знамето со мапата на етничка Албанија и дека сите биле пресреќни и се пенавеле во устите.

- Advertisements -

Таа го завршува својот фејсбук-пост со коментарот дека во Приштина во наредните денови ќе биде неиздржливо, веројатно поради целата националистичка атмосфера по инцидентот на стадионот на белградски Партизан.

И веднаш во коментарите нејзините пријатели-Албанци ја нападнаа дека таа е таа што ќе биде неподнослива, а не атмосферата во Приштина и како можела да каже дека луѓето се пенавеле. А сите тие, навредените од фејсбук-статусот на Уна, имаат профил-слики со албанското знаме. Веројатно вчера ги поставиле!

Сигурно нема многу да ја утешам Уна ако ѝ објаснам на српски, бидејќи така комунициравме со неа во Словенија, дека истото ни се случува и мене и на моите колеги во Скопје кога ќе осудиме некој сличен националистички излив на глупости. Така беше и кога се исмевавме со инфантилната провокација на ексминистерот за надворешни Антонио Милошоски, кој на Олимп го развиори знамето со сонцето од Вергина и плус се пофали на социјалните мрежи со „херојскиот чин“.

И тука ако човек се исмева или ја критикува идејата за етничка Македонија добива етикета на предавник, личност која доволно не си ја сака државата и нацијата, а најинтересни ми се коментарите од моите пријатели Македонци, кои редовно ме осудуваат дека премногу сум нежен кога Албанците прават глупости, а остар кога истите лајнарии ги прават моите сонародници. Исто како Уна!

Неодамна ја гледав емисијата на популарниот хрватски новинар со српско потекло, Александар Станковиќ на ХТВ, во која гостин му беше словенечкиот филозоф и писател Славој Жижек. На прашањето на новинарот, како Жижек го сфаќа патриотизмот, Словенецот го кажува она што јас никогаш не сум можел да го срочам во зборови, иако потполно се согласувам со ставот. Жижек вели дека од својата нација секогаш бара повеќе етичко и строго однесување, бидејќи токму тој е дел од неа и таа нација и него го претставува.

– Тоа е како што добриот татко, ако е добар родител, тој е уште построг кон својот син отколку кон другите деца – објаснува Жижек.

Лани во Словенија бевме собрани дваесетина новинари од сите поранешни југословенски републики, Албанија и од Бугарија. Една недела заедно работевме, учевме, ама не се степавме. Напротив, новинарите од Косово и од Србија прилично добро соработуваа. Не знам како ќе беше ако ни се случија дронови, ама мислам дека до тепачка немаше да дојде бидејќи меѓу нас, дефинитивно, немаше кловнови!

Поврзани новости