Дритон Кучи ќе влезе во владата на местото на Висар Ганиу?

by Фокус

Ексминистерот за економија Дритон Кучи е еден од најсериозните кандидати да стане нов заменик-министер за образование на местото на Висар Ганиу, особено ако чаирскиот огранок на ДУИ ја задржи оваа позиција, дознава Фокус од добро упатени партиски извори.

Инаку, Кучи стана министер за економија на местото на Беким Незири во 2016 година, кога лидерот на ДУИ Али Ахмети реши да ги промени буквално сите дотогашни министри, пред се поради внатрепартиските притисоци и барања за кадровски промени кои кулминираа за време на аферата со прислушувањето.

Доколку Кучи влезе во владата, тоа на некој начин ќе биде рехабитилација за новата министерска екипа на интегративците. Иако се најавуваа како свежа крв на партијата, сепак, тие извисија по последните парламентарни избори, кога ниту еден од нив не ја задржа министерската позиција.

Но, мини-владина реконсутркција може да се очекува дури по прегласувањето на едно избирачко место во Чаир, што теоретски може да го промени крајниот исход на изборите. Меѓутоа тоа е тешко веројатно, со оглед дека Ганиу победи со 200 гласа разлика, а на ова избирачко место Зекрија Ибраими од БЕСА освои 66 гласа повеќе во вториот круг на гласањето.

Како што е познато, Управниот суд ги одби жалбите на Алијансата за Албанците за неколку избирачки места во Струга, каде за градоначалник беше избран министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Рамиз Мерко.

Покрај тоа што треба да се бира наследник на Мерко, владата до собранието треба да предложи и нов министер за здравство на местото на новоизбраниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари. Притоа, во тој контекст се споменува директорот на Клиниката за очни болести Беким Татеши.

Сето тоа ќе зависи и од преговорите меѓу коалициските партнери СДСМ, ДУИ и АА кои треба да започнат оваа недела, при што не се исклучуваат и други ресорски и кадровски рокади и промени.

В.С.

Поврзани новости