Дрекслермаер не се затвора, раководството бара извинување од Миленко Неделковски поради лажната вест!

by fokus

Германската фабрика Дрекслермаер во Кавадарци, во која се вработени над 4.000 лица од Кавадарци, Неготино, Велес и други околни места не се затвора.

Лажна е веста која денес предизвика паника кај вработените и кај населението во Тиквешијата, дека над 4.000 работници ќе останат без работа, бидејќи, наводно фабриката ќе се преселела во Албанија и најмногу за два до три месеци комплетно ќе била затворена.

Веста со наслов „Дрекслермаер капут“ првично беше објавена на порталот Дудинка. Мк, потпишана од Миленко Неделковски, а набргу потоа ја пренесоа и голем број на други електронски медиуми. Во изјава за „Фокус”, кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев децидно демантира дека такво нешто ќе се случи.

-Веднаш по објавата на веста стапив во контакт со раководството на фабриката. Нивниот официјален став е дека доколку не се извини јавно, во рок од 24 часа, Миленко Неделковски ќе добие тужба за објавување на лажна вест. Фабриката продолжува да работи без престан, нема никакви измени во нејзиното функционирање, се тече во најдобар ред. Вработените и нивните семејства немаат причина за загриженост по било која основа, бидејќи веста за затворањето е неточна и е срамен чин – потврди Јанчев.

Голем број на граѓани, набргу по објавата на веста реагираа на социјалните мрежи, барајќи одговори. Лажната вест посебно ги вознемири вработените и нивните семејства, кои егзистираат од вработувањето во германската фабрика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости