Драма во семејството на Амди Бајрам поради ковид тестовите: Инфицирани ли сме или не?!

by fokus

Синот на политичарот Амди Бајрам, Габриел, вчера на социјалните мрежи објави наод од тестот за Ковид-19, на кој пишува дека е негативен на вирусот.

За неговиот татко, кој почина 64-годишна возраст, Министерството за здравство информираше дека бил позитивен на корона вирус, по што повеќе членови на фамилијата Бајрам се тестирале на приватно и нивните резултати биле негативни.

Но, како што појаснуваат од фамилијата на починатиот политичар, во телефонски разговор за ,,Фокус”, деновиве покрај големата тага поради загубата, мора да се справуваат со уште една драма, околу веродостојноста на тестовите за корона вирус.

-Габриел се тестираше на денот на погребот на Амди, бидејќи од клиниката на д-р Жан Митрев, му беше јавено како постхумниот тест на неговиот татко бил позитивен. Му беше земен брис во Систина, брз тест по цена од околу 100 евра, а резултатот го доби истата вечер. Беше негативен.
Но, наредниот ден му се јавија од клиниката и му кажаа дека имало некаква грешка, и дека всушност тој бил позитивен на Ковид-19.
Како е тоа можно, да се случи таква грешка? Јавно ги прашуваме од клиниката, да појаснат – раскажуваат од фамилијата Бајрам.

Додаваат дека биле контактирани од ИЈЗ, по што на Габриел му било кажано дека треба да добие решение за самоизолација и да се направат анкети со неговите блиски. Збунет поради резултатот од тестот, кој првично бил негативен, за да потоа му кажат дека дошло до некаква грешка и е позитивен, тој повторно се тестирал, но овој пат во лабораторијата Биотек.
Станувало збор за брз, таканаречен ВИП тест, кој го платил 9.200 денари, а резултатот од истиот бил негативен и тој го објави на социјалните мрежи.

Неговото семејство прашува кому да му верува, кои тестови се веродостојни, и како може со два негативни теста, да му биде одредена самоизолација.

И Габрил лично ги потврди овие информации за ,,Фокус”, појаснувајќи дека во период кога фамилијата му се соочува со голема загуба, ова е последното нешто со кое сега, во овој период треба да се окупирани.

-Немам апсолутно никакви симптоми, се чувствувам добро. Не знам што да и кажам на мојата фамилија, по овие нелогични резултати кои ги добивме. Здравствените служби нека се изјаснат, јас повеќе нема да коментирам – порача Габриел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости