Драган Спасов – Дац: Македонија се сака кога половина Македонци нема да знаат кој им е премиер!

by fokus

Актерот Драган Спасов Дац, познат по своите интересни коментари, но и редови проза и поезија кои што ги постира на својот Фејсбук профил, денес објави интересен текст, насловен ,,Како се сака Македонија’’. Текстот кој што предивика позитивни реакции, ви го пренесуваме во целост:

Како се сака Македонија

Македонија се сака со срце, да, ама тоа срце треба да биде полно од Македонија.
Македонија се сака, кога си среќен, кога имаш плата од илада и петсто евра, кога целото семејство ти е вработено. Македонија се сака кога не треба да мислиш дали да отидеш во кафана, дали ќе го издржиш месецот до крај, дали да отидеш кај најблиските на роденден зашто подарокот скапо ќе те чини. Македонија се сака кога покрај својата кола можеш да купиш кола и на своето дете, да го пуштиш да патува кога ќе посака за да го види светот. Македонија се сака како што порано одевме по дваесетина дена на одмор, па едвај чекавме да се вратиме во саканата Македонија. Македонија се сака кога и оние што лажат дека не одат во Грција на одмор поради политички прашања, ќе отидат и ќе закачат слики на ФБ. Македонија се сака кога половина Македонци нема да знаат кој им е претседател или премиер, кога ќе им е гајле кој за која партија гласал, кога сите ќе го сакаат ВМРО (не се однесува на партијата, да не ме сватите погрешно), Македонија се сака кога сите ќе бидат насмеани, кога по кафичите нема да се прави муабет за политика, кога дечињата нема да прашуваат кој победил на изборите. Македонија се сака кога ќе ја фатиш жена ти за рака и ќе и кажеш: Ти си голема жена, голема си колку Македонија.

Освен по бројните улоги, актерот е познат и како човек без влакна на јазикот, кој што неретко го искажува своето незадоволсво од актуелните политики, на свој духовит и уникатен начин.

Вики Клинчарова

Поврзани новости