ДПИ: Еден од основите за казната за родителите за првачето од Велес е немањето потврда за примени вакцини

by Fokus

Според неофицијалните информации до кои дојде „Фокус“ голем дел од првачињата оваа година се запишале без потврдата за примени вакцини која се бара согласно новиот Закон за основно образование. Сепак официјално, според информациите во Министерството за образование и наука, 189 деца не следат настава поради тоа што не биле вакцинирани против морбили.

Од страна на Државниот просветен инспекторат, на родителите на првооделенецот кој беше избркан  од училиштето „Блаже Конески“ во Велес деновиве им стигна прекршочен платен налог, со кој се одредува глоба од 200 евра, во денарска противвредност. Глобата е изречена според член 168, став 4 од Законот за основно образование: „Глоба во износ од 200-250 евра е предвидено за родителот, старателот ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание.

-Во однос на случајот во училиштето ООУ,, Блаже Коневски” – Велес, Ве известуваме дека од страна на Државниот просветен инспекторат е извршен инспекциски надзор. При надзорот е констатирано дека училиштето при упис на ученици во прво одделение постапило согласно Законот за основното образование, додека со родителот поради неисполнување на законската обврска предвидена со член 8 став 2 и член 60 став 2, како и член 162 став 2 од закон за основното образование (Службен Весник бр.161/2019 ) спроведена е едукација согласно Законот за просветната инспекција. Понатамошните постапки на Државниот просветен инспекторат ќе бидат во согласност со постојната законска регулатива, додека родителот е должен да му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание, велат во одговорот за „Фокус“ од Државниот просветен инспекторат.

Во текстот објавен претходно на „Фокус“ со наслов „Казна од 200 евра за родителите чие прваче беше избркано од училиште со полиција“, ставен е линк од Законот за основно образование којшто е прикачен на официјалната страна на Државниот просветен инспекторат, страната не е ажурирана, па не успеавме да го најдеме тековниот важечки закон.

Подоцна во реакцијата на ДПИ до редакцијата на „Фокус“ беше испратен следниот линк од новиот закон и како што нагласија текстот го нарушил имиџот на институцијата. Во прилог линкот од новиот Законот за основно образование.

Сепак на официјалната страница се уште стои стариот Закон за основно образование, а од ДПИ не одговорија дали со плаќањето на казната сега првачето ќе може да тргне во училиште и зошто при уписите во мај првачето било запишано, кој Закон важел тогаш, а подоцна во септември избркано од училиште со полиција.

Дополнително треба да одговорат дали новиот Закон важи само за првачето од Велес или ќе спроведат инспекција и во другите училишта?

С. Т.

Поврзани новости