ДПА ги напаѓа луѓето на Ахмети, ДУИ удри директно во Тачи

by Фокус 12:13
12:13

Откако ДПА поднесе документација до надлежни институции за коруптивните дејности на фунцкционери на ДУИ, ДУИ го возвраќа ударот со обвинувања за криминална приватизација на општествено претпријатие, која допира до самиот врв во ДПА.

Беким Фазлиу во името на ДПА вчера до Комисијата за спречување на корупцијата ги поднесе доказите против министри, пратеници и директори од редовите на ДУИ, за кои периодов на објавуваа дека се вмешани во разни афери.

- Advertising -

Од ДУИ, пак, денеска соопштија дека до Јавното обвинителство ќе поднесат докази за незаконска постапка при приватизацијата на тетовското претпријатие „Интерпромет“, од што корист извлекол лидерот на ДУИ.

Меѓу „интегративците“ кои биле вклучени во сомнителни активности, според ДПА, се актуелниот и поранешниот министер за одбрана, Талат Џафери и Фатмир Бесими, бидејќи како челници на ресорот одбрана склучиле милионски договори за јавни набавки во четири очи, без претходно да објават јавен конкурс.

Понатаму, партијата ги споменува министерот за економија Ваљон Сарачини, зашто земал мито за доделување дозволи и концесии, како и министерот за локална самоуправа Тахир Хани, кој им плаќал осумстотини евра на сопартиец и на роднина за работи што никогаш не ги извршиле.

Исто така, албанската опозициска партија посочува дека министерот за правда Блерим Беџети својата позиција ја злоупотребува за да врши притисок и изнуда врз извршителите и нотарите, додека заменик-директорот на Управата за јавни приходи Аргетим Асани самиот не плаќал данок.

– Иако законот ги обврзува неколку институции, вклучувајќи ја и Комисијата за борба против корупцијата, да дејствува во случаи кога се презентираат докази за корупција на носители на јавни функции, за жал, тоа досега не се случи – рече Фазлиу, образложувајќи го потегот доказите со кои располагаат лично да ги достават до Комисијата.

Во исчекување на партијата дали антикорупционерите ќе искористат некоја од можностите што им ја дава Законот за спречување на корупција, според кој, тие имаат право да поведат иницијативи до надлежен орган за разрешување, но и постапка за кривично гонење на избрани и именувани фунцкџионери, ДУИ реагира со обвинувања дека лидерот на ДПА бил вклучен во сомнителна приватизација.

Имено, станува збор за тетовското претпријатие „Интерпромет“, кое, според партијата на Али Ахмети, е приватизирано од страна на Мендух Тачи во времето на коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година, кога, велат од таму, премиерите на Македонија и Србија, Љубчо Георгиевски и Зоран Џинџиќ, кроеле планови за прекројување на границите.

„Благодарение на ваквото збогатување, денес „бегот“ на ДПА, Мендух Тачи, ги финансира неговите антинационални политики со 200 илјади евра месечни примања, кои му се приход од  компанијата „Интерпромет“, и со тоа ни дава уште една дополнителна причина да веруваме дека токму богатството и бизнисот се мотивот на  овој човек  за негово опстојување на  политичката сцена“, соопштија од Мала Речица.

Инаку, неделникот Фокус неодамна пишуваше за некои од овие случаи, како за јавните набавки што фунцкционери на ДУИ, меѓу кои Џафери и Бесими, ги склучуваа со фирмата на нивниот сопартиец, градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски (Пуцко Петрол), како и „Интерпромет, каде најголеми акционери се пријателот и братот на Тачи.

Поврзани новости