Доцна кажавме за откажаниот концерт на Шон Пол, бидејќи баравме решение како да се одржи – се правдаат организаторите

by Fokus

Откако вчера беше откажан концертот во Скопје на големата реге и хип хоп ѕвезда Шон Пол, само неколку часа пред почетокот на настанот, организаторите се правдаат дека јавноста ја информирале доцна за откажувањето бидејќи со менаџерите на музичарот со часови се обидувале да најдат решение за концертот да започне во точното време.

Имено, долго најавуваниот концерт кој требаше да се одржи вчера на стадионот на АРМ во Скопје, беше откажан неколку часа пред почетокот, со образложение дека екипата на музичарот пристигнала во Скопје, додека пак тој поради технички проблеми бил спречен да се качи на закажаниот лет од Лондон.

Веста за откажувањето на настанот предизвика револт кај фановите на музичарот кои веќе купиле влезници и планирале да присуствуваат на концертот. На социјалните мрежи многумина го споредија Шон Пол со балканската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас, кој исто така пред десеттина дена, само неколку часа пред настап го откажа концертот во Охрид.

Со цел да ги ги смират разочараните фанови, но и да појаснат што се случувало, организаторот на настанот, Миодраг Константинов од FUSION PRODUCTION ги сподели со јавноста деталите од настанот.

-Поради тоа што во рекордно кратко време во јавноста почнаа да се шират многу шпекулации, би сакале да ве информираме што точно се случуваше непосредно пред откажувањето на концертот во Скопје кој требаше да се одржи на 23-ти август. Екипата на Шон Пол пристигна на Скопскиот аеродром вечерта на 22-ри август и беше пречекана на највисоко ниво. Уште пред нивното пристигнување сцената беше целосно поставена на стадионот на АРМ и беше овозможено да техничарите од тимот на Шон Пол непречено да го програмираат осветлувањето во текот на ноќта, се со цел да наредниот ден по пристигнувањето на Шон Пол може веднаш да се направи и тонската проба. Иако наредниот ден сите подготовки за непречено одржување на настанот беа комплетно и навремено завршени, поставени сите детали, шанкови, тоалети, огради, влезови и слично, за жал, поради ненадејни случувања Шон Пол не беше во можност да пристигне во Скопје во закажаниот термин – појаснуваат од продукцијата.

Додаваат дека максимално се труделе на најдат начин за одржување на концертот, бидејќи биле свесни за реакциите на обожавателите и јасно им било дека ќе се предизвика разочарување кај истите.

-Со часови се обидувавме заедно со менаџерите на Шон Пол кои веќе беа пристигнати во Скопје и презадоволни од сцената и организацијата, да изнајдеме решение за концертот да се одржи и започне во закажаното време. Сите бевме свесни дека обожаватели ќе има во голем број и разочарувањето ќе биде огромно доколку настанот не се одржи во закажаниот термин. Но за жал, на крајот, сите моравме да го прифатиме фактот дека концертот сепак ќе мора да се откаже и презакаже за во блиска иднина. Идеално ќе беше да можевме да го презакажеме за наредниот ден 24-ти август, но поради веќе закажаниот термин за настапувањето во Унгарија на 25 –ти август, тоа беше невозможно. Поради фактот што поголем дел од денот заедно со неговата екипа се обидувавме да пронајдеме решение на настанатиот проблем, бевме приморани објавата за откажување на концертот да ја направиме во попладневните часови, кога веќе на сите им беше јасно дека откажувањето е неизбежно – тврдат организаторите.

Тие се извинија за случувањата, и појаснуваат дека наскоро ќе се знае кога ќе можат да им бидат вратени парите на оние кои купиле влезници.

-Fusion Production им се извинува на сите обожаватели и поддржувачи на настанот, и истовремено ја користи оваа можност да им се заблагодари на сите соработници што имаа доверба во нас и се надеваме дека истата наскоро ќе ја оправдаме. Исто така голема благодарност им изразуваме на сите обожаватели кои ни даваа поддршка, особено оние кои купија билети, и на сите нив во целост ќе им бидат рефундирани средствата. Преговорите за презакажување се веќе во тек и очекуваме дека подетални информации ќе имаме за десеттина дена, за неколку дена ќе ве известиме и за точниот датум кога ќе бидат рефундирани средствата за купените билети – порачаа од продукцијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости