Доцна е за вечера во „Мулино“

by Фокус 12:01
12:01

ivon velickovskiПишува
Ивон ВЕЛИЧКОВСКИ

Бугарскиот премиер Бојко Борисов му упати порака на својот македонски колега што е правилна и навремена од неколку причини. Прво, и досегашната комуникација меѓу двата премиери беше директна, „крунисана“ со средбата во скопски „Мулино“, ден пред Борисов да поднесе оставка и да се формира „чиновничка“ влада што ја водеше Бугарија сѐ до новите избори.

- Advertisements -

Второ, тоа е истиот Борисов што по последниот избор на неговата влада, запрашан дали ќе ја води владата на ист начин како и претходно, парафразирано, одговори дека тој е истиот премиер, но нема да ги повтори грешките од претходниот мандат.

И трето, тој ја води владата што по претходните колебања и лавирања, денес води јасна економска, енергетска и меѓународна политика на својата држава и, со ваквата порака до Груевски, практично покажува одговорност за заедничката европска надворешна политика и добрососедската политика.

ГРУЕВСКИ Е ПРОЧИТАН

Навременоста на пораката е еднакво значајна: кумановската драма во која загубивме осум животи на полициските специјалци, Македонија ја врати во фокусот на регионалните и светските медиуми, како држава со очигледна внатрешна безбедносна и политичка нестабилност, и со тоа, како ризик за регионалната (широко гледано и европската) безбедност и мир. Изјавата на вицепремиерот на владата на Бугарија, Меглена Кунева, тоа јасно го потенцираше, а во истиот манир е и внимателноста и загриженоста од можната ескалација на српската, косовската и на албанската влада. Пораката на загриженост за македонската европска и евроатлантска иднина изречена од амбасадорите што се сретнаа со македонскиот премиер е последна во низата и најава на следната етапа на притисок со кој Груевски и неговата влада се соочени од денес.

Но, изјавите на Борисов и Бејли се и показател дека е прочитан и оневозможен обидот на Груевски „тврдо“ да го затвори ова поглавје и од него да извлече две придобивки – да се зацврсти политички и да превенира продолжение на објавување на „бомбите“, особено оние најчувствителните и да го омлитави набојот против него и неговата влада. Едноставно, политичката криза веќе ги надмина домашните рамки, а за среќа и со многу такт – на локалното население, на самата полиција и на опозицијата – не прерасна во меѓуетничка. Состојби што го ужаснуваат Груевски.

И, можеби најзначајно, пораката на Борисов до Груевски во себе содржи назнака дека дефинираниот креатор на кризата не може да биде промовиран во нејзин менаџер или фактор на разрешување. Ова го верифицира изјавата на амбасадорите соопштена од Бејли, која јасно бара и политичка и судска разврска – но, не за тие што ги објавуваат скандалозните политики, пристап и дејствување на Груевски, министрите и фамилијата, туку за сторителите на изреченото во телефонските разговори.

„КОЈ СФАЌА – СФАЌА“

Јасно, ова не е само личен став на премиерот на Бугарија или на амбасадорите во Скопје. Напротив, тоа е уверување на целокупната меѓународна заедница за политиката на оваа влада, што беше навестено и од Ји, и од Бејли и Алтхаузер, а од неделата директно и од Фајон.

Откако дипломатскиот речник не вродува со плод, на располагање е само директната порака. Впрочем, на Груевски му беа оставени многу повеќе од година-две на располагање да избере политички неповрат или враќање на патот што Македонија го избра пред две и пол децении. Првата порака „кој сфаќа – сфаќа“ беше онаа прес-конференција на Груевски по средбата со американскиот потпретседател во 2011 година, кога на новинарите што ги водеше „преку барата“ Груевски „од тротоар“ им објаснуваше како го запознавал Бајден со реформите во македонското образование, мислејќи дека со маалска итроштина си купил време.

Затоа, разбирлив е дефанзивниот маневар на Иванов, со тоа што „ненадејно“ на седницата на националниот совет за безбедност во вилата „Водно“ безбедносно го сертифицираше Заев. Наравоучение: аферата „Пуч“ заврши пред „правната разрешница“, а прикриена цел е тоа да биде прв „детант“ во политичката криза, со кој Груевски ќе се обиде да ги блокира „бомбите“ од прислушуваните разговори за да протне договор „под маса“.

Ако таквиот евтин трик му успее на Груевски, и ако опозицијата/Заев го/ги признае креаторот на кризата – Груевски и неговите први соработници во владата како фактор на решавање на кризата, одговорноста за ваквото „превеслување“ ќе биде огромна.

Бидејќи сега е потребно нешто друго. Прво, безусловна демисија на Груевски и неговите први соработници, за демонтажа на инсталациите на груевизмот и санкционирање на злоупотребите на власта во изминатите 9 години и нанесените штети, врз основа на темелни и објективни истраги. Второ, темелна дегруевизација/девмроизација и паралелна департизација на институциите на системот што моментално е парализиран и паралелизиран од неговите инсталации. И трето, доаѓање до пописно-прочистен избирачки список, деклиентелизиран политички естаблишмент низ променет изборен систем и, конечно, деетатизиран партиски систем.

ПРЕСУДНИ СЕ СЛЕДНИТЕ ДВА МЕСЕЦА

Изгледа амбициозно, но во спротивно Македонија од номинално унитарна и фактички двопартиска, преку двонационална, бргу-бргу ќе стане држава за која ќе пишува само историјата.

Решението се исцртува, спротивно на волјата на неколкумина ова да заврши „под тепих“ и „траљаво“. Решението е тоа што ЛП го нарекува „концентрациона влада“, СДСМ „преодна“, експертите „широка“, а во суштина е едно – влада без Никола Груевски, со онолку ВМРО-ДПМНЕ во неа колку што е подготвено да ги затвори отворените прашања и да ја внесе Македонија таму каде што припаѓа – во НАТО и во ЕУ, наместо да се воодушевува на политиката од подрумите на Кремљ.

Конечно, кумановскиот крвав викенд навести многу мачни прашања за тоа како, кога и преку кого четириесетина терористи се вкотвиле во Куманово и зошто тоа никој не го спречил, ако веќе толку долго за тоа знаеле сите релевантни органи. Затоа, оваа, но и претходно надвиснатите дилеми (од Нешковски, преку Младенов, до „Монструм“) не смеат да бидат „евтино“ затворени. Оти следниот пат ќе се повторат многу поинтензивно. А ова е партиски, етнички, верски… неселективна опасност за сите граѓани.

Затоа, за иднината на земјава во следните две децении, пресудни се следните два месеца, а особено овие две недели. Груевски губи трпение, но не губи време. Тоа се виде во Куманово, а офанзивната дипломатска опомена (треба да) го превенира повторувањето на „кумановскиот случај“  во Кичевско, Тетовско…

Поврзани новости