Доста со банални реторики!

by lali

Еднаш и македонските политичари ќе треба да сфатат дека не се вечни. Нивните банални разговори, нивните вртења и замки ситни местенки и манипулации ќе бидат толерирани само од новинарите што немаат со кого да ги пополнат емисиите и од сопартијците на кои им требаат за да им се бројат членовите на партијата. Тоа важи за Ивон Величковски, тоа важи за Лилјана Поповска, важи за Ермира Мехмети, и за многу други кои најмалку десет години си играат политичари.

Без разлика на нивните интелектуални способности, говорнички можности, богат вокабулар и нашетаност, откако ќе заминат од политичката сцена, никој по ништо нема да ги памети. Можеби едно им е заедничко. Тогаш кога Никола Груевски им требаше за да останат на политичката сцена, тие го искористија.

Банално и патетично звучи повикот на Ермира Мехмети дека да е таа на местото на премиерот, веднаш би поднела оставка. Таа и на местото на пратеник, од слични причини, можеше да си поднесе оставка наместо да вика „долу Грујо“ од своите фејсбук-статуси и да седи во својата партија, сѐ уште коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

По што ќе го памети народот Ивон Величковски, по кое големо дело, закон или што и да е друго, освен по празните разговори што со години ги влече по разни студија, во зависност од потребите на моментот. По што ќе го памети народот, освен по една бледа партија, чие членство никој не го знае. Кои се тие, колку бројат и дали партијата постои само за некој нејзин член сто години да држи стол во Парламентот.

Банална е и Лилјана Поповска, која одеднаш почна да мавта со рацете и да се заканува со прстето кон премиерот, кој ги кочел евроинтеграциите. Сега одеднаш на сите нив им текна дека во 2015 година тој ги кочи евроинтеграциите, како до сега да галопираше кон Европа, а и тие со него. Па, тие сите едните на другите на грб се влечкаат и носат со години и едни на други си го обезбедуваат опстанокот.

Банални, минорни, извештачени и лажни, такви какви што се, никој по ништо нема да ги памети, со што му го олеснија животот на овој народ. Кокети, подлизурковци и истрошени, тие одамна требаше да се занимаваат со нешто друго и да му го препуштат местото на некој што конечно ќе донесе здрав врел здив, барем ветерче што ќе пирка и ќе нѐ води кон нешто подобро, освен она што води само кон нивниот џеб и личен успех.

Тоа што завршија училишта, научија јазици, го прошетаа целиот свет, членуваат по разни комисии и носат закони, не ги направи ни подобри, ни покредибилни. Нивното знаење е апстрактно и тие ќе останат да им се допаѓаат на овие или на оние, не како авторитети, туку како луѓе што не бранувале и што одработувале за никој друг, освен за себе. Кој има уши да ги слуша и кои има очи да ги гледа нивните пренемагања, кои штом ќе се угасне светлото во студиото или ќе се затворат вратите од собраниските простории, сите ќе ги заборават. Можеби ќе паметат некоја свилена кошула на Ермира или некоја шамија на Лилјана, сив костум на Ивон или едноличен глас на секој од другите шеесетина што се вртат во круг со години, едни те исти на болната измачена македонска политичка сцена.

Доста е веќе. Ослободете им ги столчињата на некои други што можеби навистина ќе сакаат нешто да направат нешто значајно што ќе ја надминат баналноста на оваа професија и народот ќе ги паметно по нешто конкретно.

Јаки личности што се надминале себе и се жртвуваат за другите. Кои не викаат „уа, Грујо“ откако десет години му постилаа црвен тепих по кој заеднички газат.

Сѐ дури сѐ не изгазија, и народ и држава и политика и земја, сѐ освен себеси.

Конечно треба некој да им каже кои се и што се за да престанат да се бламираат и да ги праша што ќе остане од нив ако им биде одземена функцијата. Ништо. Баш ништо. Една голема празнина на местото на довчерашниот пратеник.

Поврзани новости