Досега само ИН ТВ сними новогодишна програма: Дали поради ЗАМП ќе гледаме турски серии и за Нова година?

by fokus

И покрај забраната за емитување на музика од македонски автори во етерот, деновиве дури педесет фолк пејачи и пејачки учествуваа на снимањето на новогодишната емисија, која што ќе се емитува на австралиската ИН ТВ и на регионалната ТВ21. Од продуцентскиот тим на ИН ТВ велат дека оваа година се решиле за поинаков концепт на Новогодишното шоу, и наместо свадбарски и печалбарски песни, фолкерите пееле само турбо фолк.

„Народот сака да се расположи за време на празниците, уморен е од политика, од тешки теми, а како капак на се ни дојде и забраната за емитување на нашата музика. Затоа, јас како продуцент, инсистирав да се пејат само весели песни на снимањето, да нема жалопојки, барем за најлудата ноќ да заборавиме на реалноста и да се забавуваме. Со турбо фолк музика да се бориме против турбо фолкот во кој што живееме!

Три дена ја снимавме новогодишната програма, имаме 50 имиња од фолк музиката, а најверојатно ќе бидеме единствените кои што оваа година снимија шоу програма за празниците. Нашиот народ заслужува да здивне од секојдневието, и да влезе во Новата година со позитивно расположение и весели песни. Се плашам дека останатите телевизии ќе останат со турски серии и за новогодишната ноќ, бидејќи, колку што сме информирани, досега никој друг не снимил ништо празнично“ – вели продуцентот Ване Петкоски.

Во снимањето на шоуто учествувале Џесика Палашоска, Даниела Темелковска, Адријана Кеш, Сања Апостоловска, Благоја Грујовски, Слаѓана Регина, Анета Арсовска, Стојне Николова, Лидија Паскова и други.

Се уште не се знае каква програма ќе понудат за новогодишната ноќ националните телевизии, со оглед на тоа што сеуште трае забраната за емитување на македонска, но и музика од соседните региони, поради недоразбирањата помеѓу ЗАМП и Министерството за култура.

Вики Клинчарова

Поврзани новости