Доналд Груевски

by Fokus

Иако изгуби, несомнено е дека Трамп е мегапопуларен. Седумдесет и тричетири милиони гласачи не се шега, и ќе му беа капитал за евентуално кандидирање на изборите во 2024 година,  или евентуално пренесување на тој капитал на своите деца. Вака, во само еден ден Доналд си ја прокоцка политичката кариера и иднина, а многу можно и слободата. Се гледаме во Будимпешта!

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

Сцени познати. Орда луѓе, дел вооружени влегува во Капитол Хил, барајќи “правда” за наводно украдените избори, на кои наводно, нивниот кандидат победил. Епилогот, прекината седница и четворица мртви. Ова не се сцените од 27 Април, иако во многу што наликуваат. Ова се сцени досега невидени од главниот град на САД, предводени од таканаречени патриоти, кои никако да се помират што, се досега супер популарниот Доналд Трамп, повеќе нема да биде претседател.

Трампот, иако на моменти со недолично однесување, беше далеку од најлош претседател на САД. Не почна ниту една нова војна по светот, иако не заврши ниту една од постојните. Пред корона пандемијата, економијата имаше сосема солидни резултати, за што многупати се фалел, бидејќи и самиот знае дека Америте ги интересира пред се и над се- кеш. На овие избори, и порај црната пропаганда и покрај Black Lives Matter, се зголеми бројот на црнци и латиноси, кои гласале за Доналд во споредба со 2016-та година.

 МАНТРАТА НА НАВОДНА ИЗБОРНА ИЗМАМА

Во однос на короната, тврдо се спротиставуваше на локдаун, што на крајот и покрај многубројните критики се покажа како исправно, а можеби тој момент му откина најмногу гласови. Нејсе, да не беше корона пандемијата со сигурност ќе имаше еден од поуспешните први мандати на еден претседател. И тогаш дојдоа ноемвриските избори, каде го стигна реалноста.

Тргнувајќи лично од себе, не верувам дека Америте во толку масовен број гласаа за Бајден, колку што гласаа против Трамп. Понесен од личната популарност и его, се уште претседателот на САД, отвори премногу фронтови, самозалажувајќи се дека тоа нема да му се одбие од глава, што на крајот и се случи. Колку год Трамп и неговите поддржувачи да мантраат за наводна измама, сепак, имаше три милиони помалку гласови генерално и значително помалку електори.

Очекувано, Трамп прогласи рана победа се со цел да може да ја билда приказната за наводна измама. Да, факт е дека кај дел од државите се смени изборната легислатива во пет до дванаесет, но тоа не е еквивалент со измама, а и Републиканците не мораа да го отспијат процесот. Се проблематизира тоа што се гласало по пошта, иако е тоа децениско право, како и фактот дека огромното мнозинство гласови по пошта биле за Бајден, иако Демократите не ја криеја таа стратегија многу пред изборите.

Неспорен факт е дека на крајно дубиозен начин, веста дека е одобрена вакцина за Ковид се пласираше само три дена по завршување на изборите и тоа можеме да го сметаме за педерски, да ми извини ЛГБТ заедницата. Но, класична измама и седум милиони украдени гласови немаше, ниту има опиплив доказ за тоа.

ВО САД ГО НЕМА ТЕФТЕРОТ НА ЈАНКУЛОВСКА

Сите тужби на правниот тим на Трамп беа експресно одбиени, па и од Врховниот суд на САД, кој непосредно пред изборите доби конзервативно мнозинство поставено токму од него. Но САД не е Македонија и таму тефтерот на Јанкуловска не е моќен како кај нас. И на крај, кога легалните опции се исцрпеа, се отиде на најлошата варијанта- да се обиде да се спречи верификацијата во Конгрес, што патем е чиста формалност.

Не, секако дека Трамп на митингот не им рече: влезете и искршете се живо. Но им рече на маса луѓе, дел од нив вооружени, потпалувани со месеци од невистинита реторика за украдени избори, да тргнат на Капитол Хил. Не треба да сте геније за да претпоставите што ќе се случи. Дополнително на видео ги нарекуваше патриоти и специјални, како што им искажуваше љубов.

И на крај, откако работата стана пресериозна, во стилот на македонскиот квази вожд Никола Груевски, уште истата вечер ги пушти насилниците низ вода, осудувајќи ги и заканувајќи им се дека ќе бидат санкционирани. Сам себе го убил.

Иако изгуби, несомнено е дека Трамп е мегапопуларен. Седумдесет и три-четири милиони гласачи не се шега, и ќе му беа капитал за евентуално кандидирање на изборите во 2024 година,  или евентуално пренесување на тој капитал на своите деца. Вака, во само еден ден Доналд си ја прокоцка политичката кариера и иднина, а многу можно и слободата. Се гледаме во Будимпешта!

Поврзани новости