Домашна изолација на Нефи Усеини го одложи и третото рочиште против браќата Усеини

by Fokus

Не се одржа ниту третото по ред рочиште од судскиот процес што пред Основниот суд во Охрид се води против браќата Нефи и Ибраим Усеини. Причина за неодржувањето на денешниот распит е што поради Ковид-19 на првообвинетиот Нефи Усеини му е изречена мерка домашна изолација.

Инаку, првото рочиште од процесот беше одложено за 26 октомври, поради влошената здравствена состојба на Ибраим, брат на советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ – Нефи Усеини. Тогаш пред Судскиот совет од предметот што го водеше судијата Милчо Клишески не се појави ниту Спиро Топалоски оштетениот и главен сведок во судењето, со образложение дека неговата сопруга вработена во детска градинка не можела да отсуствува од работно место така што немало кој да се грижи за децата.

Второто рочиште не се одржа поради тоа што второобвинетиот Ибраим Усеини беше на оперативно лекување во странство и стоматолошка интервенција на оштетениот Спиро Топалоски.

Покрај денешното, предметот што сега го води судијката Билјана Белеска имаше закажано уште едно рочиште на 3 декември што, исто така е одложено, со појаснување дека процесот треба да продолжи во јануари 2021 година.

Поврзани новости