ДОМ: Дали општина Аеродром планира да носи спорни ДУП-ови и наредната недела?

by fokus

Партијата ДОМ денеска пред општина Аеродром јавно праша дали општината  планира да носи нови спорни ДУП-ови следната недела.

-Ова го прашуваме на барање на граѓани од Лисиче, кои живеат во зградите помеѓу булеварите Видое Смилевски Бато и Февруарски Поход. Тие се загрижени од најавите дека ќе се повтори „тајното“ носење на ДУП-от кај Мајчин дом, без најава на дневниот ред, без прифатена ни една забелешка од јавната анкета и во период на технички мандат на локалната самоуправа, кога таа нема веќе полн легитимитет за носење ДУП-ови, велат од партијата.

Од ДОМ додаваат дека зградите бр. 10, 12, 14 и 16 од урбанистичката четврт ЈИ03 со планираните урбанистички измени, кои веќе поминале експресна јавна анкета, би изгубиле големи делови од своите паркинзи и зелени површини, кои тие ги имаат и откупено, според законските обврски за откуп на дворното место.

-Прашувајќи се за причините за вакво ненадејно менување на ДУП-от на нивна сметка, граѓаните дошле до информации дека целта е голема бизнис зделка која се планира на земјиште кое порано било на Република Македонија, а сега е делумно приватизирано, па новите сопственици планираат градење на редица висококатници. Во име на граѓаните и јавноста, очекуваме јавен одговор, со кој или ќе се демантираат овие информации кои ги загрижуваат граѓаните од тој дел од градот, или, пак, ќе се објаснат, за да нема нагаѓања и шпекулации, завршуваат од ДОМ.

Поврзани новости