Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ќе направат се што можат во процесот на рехабилитација на децата кои настрадаа во пожарот во Кочани. Тој нагласи дека тој процес ќе трае долго, кај некои со недели, но кај некои и со месеци.
„Рехабилитацијата нивна нема да биде со недели, некаде и со недели, меѓутоа генерално ќе биде со месеци. Јас се надевам дека ќе дадеме максимум, меѓутоа овој ќе биде долг процес каде треба да бидеме мирни и да донесеме добри одлуки, бидејќи се работи генерално за деца. Значи, повеќето од лицата се на 15, 16, 20, 22, 23, 25 годишни на кои многу им значи надворешниот изглед. Ние како Министерство за здравство и Влада ќе дадеме максимум од себе за последиците да бидат што помали, барем на овие што преживеале и ќе се вратат во државата ќе треба да живеат нормално, рече Таравари во вечерашното интервју за ТВ21.
Тој додаде дека впечатокот на повеќе странски доктори и експерти за изгореници кои се наоѓаат во земјава е дека релативно добро се менаџира состојбата во Клиничката болница, во „8-ми Септември“ и во Општата градска болница.