Докторка Киријас: Имунитетот не е само во бројот на антитела, туку важен е и клеточниот имунитет

by fokus

Досегашните искуства покажуваат дека вакцинацијата е еден од начините со кои што се можеме да се справуваме со инфективните заразни заболување, посебно со оние кои што се многу заразни и имаат висока стапка на смртност, како што е случај со Ковид-19, вели доц. д-р Мери Киријас од Институтот за имунологија во интервју за МИА.

Според неа, во рок од шест месеци по имунизацијата против коронавирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од Ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг.

– Се надеваме дека ќе нема потреба од повторни ревакцини, меѓутоа не можеме со сигурност точно да го кажеме тоа само ради моментот со она што го гледаме се мутациите кај вирусот и не знаеме во која насока ќе се движат во наредниот период и дали вакцините ќе бидат доволно ефикасни. Меѓутоа, тоа времето ќе покаже дали ќе има навистина потреба од тоа или не, потенцира д-р Киријас.

Таа нагласува дека присуство на антитела во организмот значи заштита од Ковид-19 и не е важна колкава бројката на антитела, бидејќи заштитата не е само од нив, туку е важен и клеточниот имунитет којшто останува како меморија.

– Така што лицата ќе имаат и антитела и клеточен имунитет. Колку долго ќе трае, ќе видиме. Засега немаме податоци, меѓутоа секако се очекува дека една година ќе трае тој имунитет, додава д-р Киријас.

Во врска со досега познатите нус појави по вакцинацијата, освен ретката појава на поврзаноста на појавите на згрутчување на крвта и вакцината на „Астра Зенека“ што ја потврди и Европската агенција за лекови (ЕМА), Киријас вели дека во САД по примањето на вакцината на „Фајзер“ се регистирани и појави на минлив фацијалис, а имало и случаи со тромбози, меѓутоа не е потврдено дали тие се причинско-последично поврзани или не.

– Претпоставувам дека и за другите, зависно колку внимателно се следат ќе дознаваме нови и нови информации ако навистина има такви или ќе останеме само на оние очекувани несакани реакции – ден до два после апликација на вакцините, додава Киријас.

Таа нагласува дека официјалните препораки се дека вакцинацијата и ревакцинацијата треба да бидат со истиот тип вакцина, бидејќи се уште не се знае колкава би била ефикасноста и што би можело да се очекува доколку првата и втората доза да бидат од различни производители,

– Претпоставувам дека во наредниот период кога ќе имаме информации, препораките ќе се менуваат. Меѓутоа, во моментов препораката стои дека и втората доза (на вакцината) треба да биде од истиот производител, потенцира Киријас.

Поврзани новости