Доктор Зоран Ванев за Нова година ќе им пее на нашинците во Швајцарија

by Fokus
И покрај тоа што веќе неколку години наназад е еден од најбараните доктори за природна медицина во Швајцарија, фолк пејачот Зоран Ванев не се откажува од музиката и од настапите. За дочекот на Новата 2018 година, тој ќе пее пред нашинците во Арберг, Швајцарија.

Освен со Ванев, нашинците во Швајцарија ќе ја испратат старата, а ќе ја дочекаат Новата година и со групата ,,Ветер и магла’’ и фолк пејачката од Штип, која е една од најпопуларните ѕвезди на бугарската продукција ,,Пајнер’’ Марина Тошиќ. Настанот ќе се случува во Арберг, а влезниците по цена од околу 4.500 денари за возрасни и 1.600 денари за деца од 10 до 16 години веќе биле пуштени во продажба.

Ванев во интервју за ,,Фокус’’ на почетокот на годинава раскажа за својата нова професија и за клиниката во Цирих, каде доаѓале луѓе од целиот свет. Дипломирал на Парацелсус Академијата за Алтернативна медицина во Цирих, и бил првиот Македонец во Швајцарија кој ја има титулата Доктор за природна медицина, која била призната во целиот свет, како и во сите установи на државно ниво во Швајцарија.

,,Не жалам што го заменив микрофонот со белиот мантил, бидејќи отсекогаш сум сакал да им помагам на луѓето, но се случува и да пејам, тоа го правам на одредени настани кои се професионално организирани’’ – ни изјави штипјанецот, кој со децении живее во Швајцарија.

Исто така, тогаш ни раскажа дека и покрај тоа што сака, невозможно било да отвори клиника во Македонија. ,,Имам голема желба да отворам клиника во Македонија, меѓутоа засега тоа е невозможно. Не од причина што немам доволно време, туку од причина што здравствениот систем во Македонија не оди во правец на задоволување на пациентот, туку повеќе оди во правец на економија која ги погазува сите човечки вредности на квалитетен живот’’ – потенцираше Ванев.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости