Доктор Коцев: Мерките имаат ефект, нивно продолжување во наредните две седмици би допринело за стабилизација на состојбата

by Fokus

Актуелните мерки за заштита од Ковид-19 имаат ефект и тоа јасно го покажуваат бројките од изминатите денови. Паѓа бројот на новоинфицирани, намален е бројот на тестирања, и за прв пат по подолг период имаме под 100 прегледи дневно. Како здравствен работник, јас сметам дека овие мерки би требало да се продолжат и во наредните две недели, за состојбата со вирусот да се стабилизира – за ,,Фокус” вели доктор Диме Коцев, директор на кавадаречката болница, во чиј склоп функционира ковид центарот.

Според последните информации, таму се хоспитализирани 55 пациенти, во стабилна состојба и има 40 слободни места. Директорот појаснува дека доколку бројот на хоспитализирани падне под 50, се размислува за затворање на едниот оддел во ковид центарот (ги има два во болницата, плус модуларната болница), со што на располагање би останале 65 кревети.

-Тоа е наше размислување, доколку бројките паднат и се одржи овој тренд на намалување на случаите. Стануваме регионален центар за вакцинација, жителите од Повардарието ќе се вакцинираат во спортската сала Јасмин во Кавадарци. Овде ќе доаѓаат граѓани од Велес, Градско, Гевгелија, Неготино, Демир Капија, Росоман, и секако Кавадарци, за вакцинирање. Медицинскиот кадар ќе биде пренасочен таму. Нема потреба од грижа кај граѓаните, доколку бројките повторно растат, одделот веднаш пак може да биде пренаменет во ковид центар, целата опрема останува. Ова е само наше размислување, во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата – раскажува доктор Коцев.

Тој додава дека медицинскиот кадар од болницата задолжен за ковид позитивните пациенти е во добра кондиција. Периодов за нив беше доста напорен, но останувале посветени на својата работа.

-Во Тиквешко бевме први на удар на новиот бран, на британскиот сој на вирусот. Да се надеваме дека и први ќе излеземе од него. Извештаите за новозаразени пациенти од последните неколку дена се ветувачки, бројките се значително намалени, но мора да се почитуваат мерките и да не се дозволи повторно ескалирање на состојбата, како неодамна, кога имавме и над 50 нови случаи на ден. Токму поради тоа, јас како медицинско лице, сум на став дека мерките се добри и ефективни, а за поголема стабилизација е потребно нивно продолжување и во наредните две недели. Да нема нагло опуштање, од искуство гледаме што се случува – вели директорот.

Од хоспитализираните пациенти, дури над 80 проценти биле на кислородна поддршка. Моментално од 55 хоспитализирани 42 биле на постојана, а седум на привремена. Тоа што во модуларната болница има централен довод на кислород доста им ја олеснило работата на медицинарите.

-Нема бегање, целиот товар од ситуацијата е на нас, здравствените работници. Добро се носиме и покрај сите предизвици, персоналот е посветен на работата и мотивиран. Драго ми е што сега и интересот за вакцинирање во Тиквешијата е голем, досега не сме имале ниту еден случај на несакани ефекти. Кај некои од вакцинираните граѓани забележана е блага болка на раката, на местото на убодот, која поминува за ден-два, луѓето сериозно го сфатија овој процес на имунизација како излез од пандемијата и се надеваме на масовна вакцинација- порача директорот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости