Доктор Докиќ објаснува три сценарија како се користи лекот „Иверметкин“, но не смее да се зема на своја рака

by Fokus

Лекот „Ивермектин“ кој помага во лекувањето на опасниот вирус Ковид 19 од вчера и официјално беше пуштен во промет во дел од аптеките по цена од 300 денари, откако претходно ги помина сите фази на одобрување во Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

Сепак. уште од првиот ден настанаа проблеми околу тоа во кои аптеки може да се набави, на кој начин да се користи, дали може да се пие превентивно, колку и како помага против корона вирусот. „Фокус“ на овие прашања побара одговор од актуелниот директор на скопската Клиника за пулмологија, доктор Дејан Докиќ.

Тој во изјава за „Фокус“ објасни три сценарија според кои може да се користи лекот „Ивермектин“, но сепак дециден е дека не смее да се зема на своја рака и без препорака од лекар.

„Направено е испитување во Аргентина на 800 лекари кои пиеле превентивно „Ивермектин“ и 800 лекари кои носеле маски. Тие што го пиеле лекот не се заразиле, додека пак 30 од другите фатиле Ковид 19 бидејќи факт е дека маската не штити 100 посто, особено ако подолг период си во затворена просторија со заразен од ковид. Маските штитат 95 отсто – објаснува доктор Докиќ.

Тој додава дека овој лек во одредени случаи можат да го земат лекари и медицински персонал кои се многу често во контакт со заразени пациенти.

„Значи, здравствените работници кои имаат појачан контакт со заразени пациенти можат превентивно да го земат овој лек и тоа само еднаш неделно, 0,2 милиграми на килограм тежина.  Има и второ сценарио во кое некој имал поблизок контакт со болен од Ковид 19 и тој може да го зема лекот тој ден и после три дена. Тоа се смета како постпревенција. И третото сценарио е кај заразените пациенти кои треба да го земаат два дена едно по едно – вели доктор Докиќ.

Исто така, микробиологот Никола Пановски пред речиси еден месец во интервју за „Фокус“ го посочи лекот „Ивермектин“ како еден од најефикасните лекови во борбата против Ковид 19.

„Конечно и од САД пред некој ден тројца угледни клиничари одржаа драматичен прес, барајќи од сите доктори во САД веднаш да го употребуваат лекот ивермектин во сите фази на ковид 19, лек кој почна да се употребува во Австралија уште во март, па потоа во Индија, Иран, Египет  и триесетина други земји. Погледнете го бројот на смртните случаи во Австралија, Далечниот исток, па и сиромашните азиски и африкански земји и споредете ја со смртноста кај богатиот Запад (без Германија, Скандинавија и Балтикот), па сами извлечете заклучок – истакна тогаш доктор Пановски.

Министерот за здравство Венко Филипче во денешната изјава посочи дека овој лек строго мора да се користи по препорака на матичен лекар.

Стручниот колегиум за Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија и ковид – центрите при интернистичкиот блок, изготвија мислење за употребата на лекот Ивермектин кај пациенти со Ковид-19. Протоколот преку Лекарската комора во текот на вчерашниот ден беше испратен до матичните лекари, соопшти Министерството за здравство.

До крајот на неделата, како што се посочува, Лекарската комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во цела земја за да се дообјаснат пртоколите, а веќе следната недела ЛК ќе организира онлајн дискусија со клиничките доктори (лекарите кои работат во болниците) за употребата на лекот.

Ивермектинот не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување. Согласно Решението на Агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) лекот се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт.

Ивермектинот е антипаразитски лек со широк спектар на делување, неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација, потенцираат од Министерството и апелираат граѓаните на своја рака да не го пијат лекот, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за негово користење и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости