Доколку уапсените пратеници добијат притвор, Собранието ќе им пресуди дали да го одлежат

by fokus

Меѓу уапсените кои се гонат за тероризам во врска со крвавите настани од Собранието, се и пратеници кои уживаат имунитет. Пред судија на претходна постапка денеска се изнесени пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Жаклина Стефановска, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, а неофицијално по Јохан Тарчуловски се уште се трага.

Судијата на претходна постапка треба да одлучи дали на осомничените ќе им бидат одредени мерки на претпазливост. Од јавното обвинителство, пак, не откриваат дали за било кој од приведените е определена некаква мерка.

Доколку на пратениците им биде одреден притвор, Собранието го има крајниот збор дали мерката ќе се спроведе. Низ собраниска процедура парламентот ќе треба прво да одлучи за имунитетот на пратениците.

Барањето за одобрување на притвор или известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело прво го добива претседателот на Собранието кој пак го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Претседател на оваа комисија е пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски кој беше нападнат и се здоби со повреди за време на собраниските инциденти. Негов заменик е партискиот колега, Петар Атанасов. Меѓу членовите се и осомничените пратеници Јохан Тарчуловски и Крсто Мукоски, а освен нив Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски и Борис Змејковски. Заменици членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.

Комисијата, според Деловникот, е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето, врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Поврзани новости